Врз неутрална Шведска се врши притисок од повеќе страни да се приклучи кон одбранбената алијанса НАТО, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Земјите во балтичкиот регион упатија јасни пораки кон шведската парламентарна комисија, која моментно подготвува извештај околу шведските одбранбени капацитети, дека сакаат да ја видат Шведска како членка во НАТО.
Естонскиот претседател Томас Хендрик Илвес смета дека Шведска претставува „безбедносна дупка“, при што посебно загрижува островот Готланд во источниот дел на Балтичкото Море, кој е без одбрана.
Шведски медиуми обелоденија дека безбедносната и одбранбена политика на земјата станале тема далеку од затворените соби во владиниот кабинет во Стокхолм. Во тој контекст се тврди дека САД сметаат оти е време Шведска да размисли за членството во НАТО.
Слични сигнали сега се почесто доаѓаат и од страна од соседните земји во нордиско-балтичкиот регион.
– Во интерес на националните интереси на многу демократски земји е таа безбедносна дупка да се пополни, вели естонскиот претседател Илвес за „Свенска дагбладет“.
Според него, под знак прашање се доведени фундаменталните правила за неменување на границите со примена на сила, прецизирани во Повелбата на Обединетите нации и завршниот документ од Самитот на ОБСЕ во Хелсинки од 1975 година.
Најновите испитувања на јавното мислење покажуваат дека околу 50 отсто од Швеѓаните и натму се против зачленувањето на нивната земја во НАТО.
Истовремено, се смета дека Русија би истапила со силни протести доколу НАТО би се проширил со прием на Шведска и нејзиниот источен сосега Финска, која исто така има неутрален статус.
Поранешниот шведски амбасадор во Москва, Свен Хирдман, изразува уверување дека членството во НАТО практично би претставувало заштита за Шведска против Русија, имајќи го предвид интензивирањето на руските превентивни мерки и воени вежби кои во последно време зачестено се одвиваат во регионот.