Нигериската војска била предупредена дека се подготвува напад на училиштето од кое се грабнати 270 ученички, но не реагирала, соопшти групата за човекови права „Амнести Интернешнел“.
Повикувајќи се на „веродостојни извори“, групата наведе дека на војската и било јавено четири часа пред да се случи нападот.
-Војската во градот Маидугури во државата Борно, е известена четири часа пред самиот напад, кој се случил околу полноќ, стои во соопштението.
Наспроти предупредувањето, не било испратено засилување за заштита на училиштето во зафрлената област Чибок, а постои сомнеж дека причина за тоа е страв од судир со подобро опремени и вооружени групи.
Набргу по грабнувањето на 14-ти април, 53 девојчиња побегнаа, додека повеќе од 200 се уште се во рацете на киднаперите. Експертски тимови од САД и Велика Британија, веќе се во Нигерија за да помогнат во лоцирање и спасување на ученичките.
Претседателот на Нигерија, Гудлак Џонатан, рече дека верува дека девојчињата се уште се во државата и не се префрлени во Камерун.
Е. Г.