На полна трпеза и со пригодна музичка програма, во организација на Одделението за социјална, детска и здравствена заштита при општина Карпош, денеска, жителите на општина Карпош од ромска националност , во традиционален дух го испратија Ѓурѓовден. На манифестација, која се одржува по трет пат, ги почести со своето присуство градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, а пак него го пречекаа со музичка точка, учениците од ООУ „Аврам Писевски“ кои пријатно го изненадија.
-Секогаш да го испраѓаме Ѓурѓовден во слога и разбирање, добро здравје и бериќет не само за припадниците на ромската националност, кои најоригинално го слават Ѓурѓовден, туку и за сите жители на Карпош и Македонија. Се потрудивме сите граѓани на општина Карпош да се чуствуваат достоинствено, со тоа и граѓаните од Злокуќани, а посебно жителите од ромска припадност. Како локална самоуправа даваме поддршка на сите проекти како и помош на социјално загрозените семејства. Помагаме во делот на инфраструктурата, во образованието и сметам дека една локална власт треба да се однесува одговорно кон своите граѓани – истакна во својот поздрав до славениците, градоначалникот Јакимовски.
На оваа празнична манифестација поканети беа и претставници од невладините организации „Монтесори“ и “Лил“, кои во соработка со општината, даваат голема поддршка во социјалната едукација и згрижување на децата од овој дел од Карпош. Од страна на општина Карпош, беа поставени штандови на кои на присутните граѓани им се делеа пакети со храна и пијалоци.