САД и Европската унија се обидуваат да постигнат дипломатско решение за кризата во Украина, соопшти Белата куќа по вчерашната средба меѓу високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон и советничката на американскиот претседател Барак Обама за национална безбедност, Сузан Рајс.
На средбата, на која на кусо се појавил и самиот Обама, двете страни потврдиле дека се решени да постигнат напредок во преговорите со Иран и во решавањето на украинската криза.
Обама, Рајс и Ештон нагласиле дека САД и ЕУ се подготвени да ја поддржат украинската Влада и да пронајдат начин за решавање на кризата во Украина со мирни средства.
Вашингтон и Брисел порачаа дека Русија треба да ги исполни своите обврски согласно Женевскиот договор, меѓу кои и користењето на нејзиното влијание врз украинските сепаратисти. ЕУ и САД сметаат дека Русија треба да помогне во нивното разоружување и вклучување во мирен политички дијалог.
Ештон се согласила со Обама и Рајс за неопходноста од воведување нови санкции кон Русија, доколку САД и ЕУ оценат дека Москва продолжува со обидите за дестабилизирање на Украина.
Во врска со иранското нуклеарно прашање, САД и ЕУ имаат заеднички став дека секое негово решение треба да гарантира дека нуклеарната програма на Иран е наменета исклучиво за мирновременски цели.