Пет бродови на НАТО пристигнаа денеска во балтичкото пристаниште Клајпеда во западниот дел на Литванија.
Бродовите имаат за цел зголемување на безбедност во регионот, поради тензиите околу ситуацијата во Украина и влошените односи меѓу Русија и Западот.
Литванскиот министер за одбрана Јозас Олекас го поздрави пристигнувањето на петте бродови, од кои четири се миноловци и еден помошен брод. Бродовите пловат под норвешко, холандско, белгиско и естонско знаме.
Според литванскиот министер за одбрана, распоредувањето на бродовите на земјите-членки на НАТО во Литванија зборува за подготвеноста на Алијансата да ја смири стравувањата на балтичката земја и другите држави-членки во регионот.
– Пристигнувањето на бродовите на НАТО е уште еден знак за единството и солидарноста на Алијансата, истакна Олекас.