Десетици девојки и млади жени киднапирани од училиште во Нигерија се принудувани да се омажат за киднаперите – исламски екстремисти, соопшти невладина организација.
– Родителите тврдат дека девојките се продавани за жени на екстремистите од Боко Харам за околу 12 долари, изјави Халите Алију од Народниот форум Борно-Јобе. Таа додаде дека информацијата на родителите за масовните женидби доаѓа од жители во реон крај нигериската граница со Камерун каде се тврди дека се кријат членови на Боко Харам.
Последните информации се дека девојките се префрлени вон границата – некои во Камерун, а други во Чад.
Според непотврдени информации, над 200 девојки исчезнале во изминатите недели и веројатно се киднапирани од терористичката Боко Харам.
Според Алију, можно е насила жените да се омажени. Истото го тврдат и племенски лидери во градот Чибок од каде се киднапирани девојките, јави Би-Би-Си.
Околу 50 девојки успеале да побегнат, но засега нема информации за околу 250 други. Роднини на киднапираните во вторникот одржаа протести пред парламентот во Абуџа. Пратеници од тој регион бараат нигериската Влада да побара меѓународна помош за спасување на девојките.