Молдавскиот пат кон ЕУ покажува први резултати, иако напредокот на државата во европските интеграции ги разбуди и проруските десни струи кои настојуваат да ја вратат земјата во московска орбита.
Сончев, јасен ден, жителите на Кишињев уживаат во првите пролетни денови. Парови се шетаат во паркот пред катедралата, децата трчаат по гулаби, додека семејствата се подготвуваат за фотографирање покрај фигура на велигденски зајак.
Во сенката на локалната Триумфална капија, мала група внимателно гледа шаховска партија меѓу две момчиња, кои повлекуваат потези на џиновска табла. На неа повеќе нема фигури, додека залезот на сонцето прави издолжени сенки по паркот, како на некој огромен цртеж кој исчезнува во овој момент.
Тоа може да биде и метафора на состојбата на нацијата.
Јазот меѓу Русија и Западот, доведе до видливи поделби во Молдавија, нарушувајќи го чувството на национален идентитет, но повеќе од очигледно е дека тензиите меѓу тие кои би сакале Молдавија што побрзо да се интегрира во ЕУ и стремежот на Москва тоа да се спречи, се поттикани од кризата во соседна Украина.
– Ако беше можно Русија на тој начин да го анектира Крим, зошто тоа не би го направила со Донбас, Кершна, Миколајиво, Одеса, Придњестровље… и било кој друг? – се прашува Игор Боцан, директор на Здружението за развој на демократијата од Кишињев.
– Состојбата е многу, многу нестабилна – додава нашиот соговорник.
Тој потсетува дека Молдавија била една од советските републики кои прогласија независност во 1991 година следејќи го она што го направи Киев. – Се чини дека иднината на Молдавија повторно е поврзана со Украина – додава тој.
Речиси 50 проценти
Повеќе од една деценија молдавските влади една по друга грабаат на патот кон европските интеграции и тие напори конечно доведоа до првите резултати. До крајот на месецот, Молдавците ќе можат да патуваат во земјите на ЕУ без визи, додека во јуни Кишињев со Брисел ќе потпише договор за Стабилизација и придружување и Договор за слободна трговија.
Но, како што тие резултати стануваа се повеќе и повеќе на дофат на рака, Молдавија почна да чувстува се посилен притисок на Русија и проруските сили.
– Од прилика кон крајот на летото во 2013 година забележавме една необична работа, дека медиумите кои се наменети за руската популација заговараат еден поинаков модел на (државните) интеграции – вели заменичката на премиерот и министерка за надворешни работи Наталија Герман.
– Колку и да инсистиравме на тоа дека европските интеграции се апсолутен приоритет во надворешната и внатрешната политика, другата страна се залагаше за евроазиски врски и Царинска унија, проект кој Руската Федерација го наметнува на државите во соседството – додава таа.
Нашата соговорничка признава дека речиси 50 проценти Молдавци го поддржуваат проевропскиот курс, но дека можеше повеќе да се направи на објаснување на значењето на европските интеграции на просечните граѓани и тие кои живеат во руралните подрачја.
Сакам да продолжам со тоа
Една од тие рурални области со еден вид на автономија е Гавгазија, област на југот на државата, која се наоѓа меѓу Одеса и сепаратистичкиот град Придњестровље.
Убедливото мнозинство поддржува приклучување на руската Царинска унија. Во февруари, на референдумот кој Кишињев го отфрли, Гагаузија јасно се определи за јакнење на врските со Русија. Повеќе од 97 отсто гласачи беа против европските интеграции.
Конгаз е живо гратче, 30 километри јужно од престолнината на Гавгаузија, Комрат. Жителите продаваат колачи, зеленчук или пасат мали стада на кози покрај закрчениот автопат кој поминува низ населбата делејќи ја на два дела. Со сите со кои разговарате, ќе кажат дека гласале на референдум и сите ја поддржале Царинската унија.
– Јас сум за заедницата во која пораснав. Тоа беше Советскиот Сојуз и би сакал тоа да се продолжи – вели Степан, дружељубив средовечен човек кој се жали дека секој камион кој поминува по патот предизвикува земјотрес во неговата куќа која се наоѓа во непосредна близина.
Недалеку од таму, додека сонцето полека тоне на запад, Пјотр со помош на неколку луѓе се обидува да пренесе стадо овци и кози преку автопатот. Тој не гласал на референдумот, бидејќи во тоа време работел како дрвосечач во Русија, иако сите негови блиски го искористиле правото на глас.
– Секој од нив гласале за Царинската унија бидејќи е подобро со Русија – вели тој, додека животните му се плеткаат околу нозете. – Тоа е причината, се ни е поблиску. Како да ви објаснам? Ние одиме таму да заработуваме пари, зарем не? Се е таму. Русија ни дава гас, а не Европа.
Речиси секој минувач на улиците на Конгас има роднини на работа во Русија. Иако Гагаузите се со турско потекло, примиле православие и зборуваат на руски јазик. Тие длабоко се далеку од намерите на Романците кои наводно сакаат да се обединат под плаштот на европските интеграции.
Стефанета е жена во средни години која продава колачи покрај автопатот. Нејзината стока е покриена со прашина која ја креваат камионите додека брзаат на патот. Таа го гледа проевропскиот курс на Молдавија како заговор за Америка, така не сака да има било што со тоа.
– Грубо кажано, САД каде и да го пика носот, ќе имате крв и хаос – вели таа. Четири од шест нејзини деца имаат руско државјанство и живеат во Курската област.
Североисточно од Гагаузија, се наоѓа една од највпечатливите молдавски пукнатини на административната граница меѓу отцепениот проруски регион Приднестровље и остатокот од државата.
На работ на Приднестровље
Околу 70 километри северно од Кишињев, питорескното село Дороцкаја е стиснато покрај Приднестровље. Тоа е една мала населба на левиот брег на Дњестар во делот на Молдавија, кој е под контрола на Кишињев, иако речиси 90 проценти од нејзиното земјоделско земјиште лежи во Придњестровље.
Тоа беше поприште на тешки борби во текот на Втората светска војна каде Црвената армија водеше крвави битки на брегот на реката, така локалниот споменик е посветен на загинатите и покриен со свежо цвеќе.
Придњестровље бараше официјално признание, или да стане дел од Русија. Последниот такво предлог беше упатен на 16 април.
Минатиот месец во Дороцкаја организирани се протести со барање и оваа населба да се приклучи кон Придњестровље. Демонстрантите забележаа дека во сепаратистичкиот регион цените се многу пониски поради руските субвенции, плашејќи се дека интеграциите на државите во ЕУ ќе ги остават Молдавците без работа.
– Сакаме да бидеме заедно, затоа што тука не би требало да има какви било поделби – зборува пензионер кој се претставува како Феџа и вели дека ако има референдум, ќе гласа за приклучување на Приднестровље.
– Целата наша земја е на таа страна на автопатот, така ние не можеме ни да ја обработуваме. Не ни дозволуваат ни да ги носиме кравите на пасење. Тоа се нашите причини.
Сепак, ваквите гласови се ретки во Дороцкаја каде мнозинството од околу 3.000 жители зборуваат романски. Тие сметаат дека повиците за референдум се чиста провокација на губитниците и дека нема да учествува на него.
Анатолиј е водоинсталатер кој зборува руски, но кој се борел за молдавската независност во текот на 1992 година. Тој објаснува дека огромно мнозинство на жителите на Дороцкаја се против референдумот, дека нема да учествуваат на него и дека мештаните го поддржуваат европскиот пат.
– Мнозинството е за потпишување на Договор за стабилизација и приклучување – вели тој. – Знаете каква е состојбата во Молдавија. Тешко е, но сите се надеваат дека ќе биде подобро.
Под покрвот на зграда во Дороцкаја која делумно е реновирана во 2007 година со помош на УСАИД се наоѓаат две училишта. Секој ден 160 ученици кои зборуваат романски доаѓаат со автобуси преку административната граница од блиското село Григорјопоље кое е во Приднестровље. Локалните власти во Приднестровље не дозволуваат на учениците да учат романски, ниту дозволуваат учебниците да се купуваат од Кишињев.
Елеонора Черкавски е директорка од училиштето од Григорјопоље во егзил. Таа смета дека Русија ги замешала своите прсти во приказната за референдумот во Дороцкаја, тврдејќи дека таквите обиди се само јадица која ја фрла Москва како да нема доволно територии.
– Приказната за референдум одеднаш стана ИН – вели таа. – Се чини дека на неа се уловија некои мали риби. Има разни луѓе, посебно по толку години живот во Советскиот Сојуз, да бидам попрецизна под Русија. Тука никогаш немало слободно мислење. Никогаш доволно слободни информации. Ако ги погледнете руските телевизиски канали, ќе видите работи кои не сте можеле да ги сретнете уште од советското време.
Таа забележува дека властите во Приднестровље го тераат населението да се претплатува на програми на локалниот тв провајдер. – Не тераат да плаќаме за перење на сопствените мозоци – додава таа низ насмевка.
Искушенија кои доаѓаат
До крајот на годината Молдавија ќе се соочи со разни искушенија. На 9 мај се одбележува Денот на победата кој Москва, според мислењето на многумина ќе го искористи за во текот на одбележувањето на проруските собири да ја истакне улогата на Советскиот сојуз.
Во јуни, Молдавија ќе потпише клучен договор со ЕУ, за што веројатно против ќе биде комунистичката партија. Се очекува истото сценарио да се повтори и подоцна кога Парламентот ќе го усвои тој документ.
Сепак, клучниот тест, доаѓа кон крајот на ноември кога се одржуваат парламентарните избори. Премногу е рано да се каже дали партиите на проевропската коалиција можат да однесат победа, бидејќи ќе се борат меѓусебно како и впрочем комунистите и социјалистите.
Сето тоа заедно со неповолниот развој на приликите во Украина и едвај половина Молдавци кои ги поддржуваат европските интеграции, буди загриженост, објаснува политичкиот аналитичар Игор Боцан.
– Гледаме кој е со Русија – вели тој. – Казахстан и Белорусија. Во Русија владее авторитативен систем. Слично е и во овие две земји. Ако Русија гради т.н. Евроазиска унија на такви претпоставки, најдобро е да кажеме – благодарам, не сакаме, тоа не е за нас.