Палестинците ќе бараат членство во 60 тела на Обединетите нации и учество во меѓународните договори, реши Централниот совет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО).
– Советот, со кој претседаваше палестинскиот претседател Махмуд Абас, ја потврди потребата палестинското раководство да продолжи со барањето членство во агенциите на ОН и меѓународните конвенции, врз основа на усвоениот план, соопшти генералниот секретар на Палестинската народна партија Башам ал-Салхи.
Централниот совет на ПЛО го обвини Израел за неуспехот на напорите на меѓународната заедница и САД да се изнајде решение за конфликот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата седмица ги суспендира мировните преговори со Палестинците, бидејќи ПЛО и исламистичкиот Хамас се договорија за формирање на влада на националното единство.