Точно во 19:00 часот, претставниците на Државната изборна комисија, денеска го затворија гласањето во избирачкото место 5003 во Брисел, во рамки на Седмата изборна единица.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, претседателот на избирачкиот одбор, потврди дека денеска гласале вкупно 424 од 777 пријавени гласачи за парламентарните, односно 77 лица од 98-те пријавени за претседателските избори.
– Изборите во македонското Дипломатско-конзуларно претставништво во Кралството Белгија минаа во мирна атмосфера и најдобар ред. До затворањето на гласачките кутии во 19 часот, точно 424 лица го остварија своето право на глас од вкупно 777 пријавени, што е над 60 процентни излезност, истакна Иљази во изјава за МИА.
Македонските иселеници во белгиското Кралство беа задоволни од можноста и тие со нивниот глас да влијаат на судбината на својата татковина. Некои од нив побараа и да не бидат заборавени од своите сограѓани.
– Гласав со цел и желба нашата држава да напредува. Мојата желба е младите да напредуваат, да имаат пристојно место и држава за живеење и работни места, преку изградба на фабрики. Ја поздравувам Република Македонија и нашиот народ со порака да не заборават на нас иселениците во Белгија и од другите прекуокеански земји, изјави Луба Масалковска, пензионерка од европската престолнина.
Мирните избори во Брисел, како центар на Европската изборна единица, денеска ги одбележа само едно лице кое ги навредуваше членовите на избирачкиот одбор, бидејќи не му дозволија да гласа заедно со својата сопруга зад параванот.
Со оглед на актуелниот изборен молк, Државната изборна комисија, утре по 19:00 часот ќе ги објави резултатите од гласањето за парламентарните и претседателските избори, како во Брисел, така и во целата Седма изборна единица.