„Прес конференција на Жерновски кој толку многу ја мистифицираше е сеење магла и потценување на граѓаните.
Целокупната постапка за изработка на ограда на мостот кај Холидеј Ин е целосно спроведена низ максимално транспарентна процедура, почитувајќи го законот за јавни набавки, каде имаше електронска аукција, по која е избрана РЖ Институт – АД Скопје.
Градот Скопје воопшто не ја крие оградата од јавноста, како што и претходно најавивме, туку истата е во тек на изработка, односно лиење, и истата ќе почне да се поставува штом биде целосно готова.
Нема никакво тајно депо каде што се кријат делови од оградата. Наводните “тајни” фотографиите коишто ги презентираа се направени во леарницата на РЖ Институти каде што и се лие оградата.
На мостот нема да бидат поставени скулптури.
Господине Жерновски, само да ве потсетиме дека пазарните услови изминативе 15 или 10 години се многу изменети, а адекватно на тоа и цените на градежните материјали. Но тоа го знаат единствено локалните самоуправи кои се посветени на изградба и реализација на проекти.За потсетување, Градот Скопје изминативе неколку години реализира серија на инфраструктурни проекти во насока на подобрување на животот на жителите на главниот град, како што се: реконструкција и проширување на булеварите Илинден, Србија, Митрополит Теодосиј Гологанов, Свети Климент Охдиски, Борис Трајковски, беа реконструирани голем број на булевари и улици како Кирил и Методиј, Самоилова, Јане Сандански, Ќемал Сејфула во Чаир, Благоја Стефковски во Гази Баба, изградени се модерни кружни крстосници на улица Борис Сарафов (поранешна 4-ти Јули) до црквата Свети Петар и Павле, на булевар Ѓорче Петров до СП Планет, во Општина Бутел на улица Боца Иванова, како и на улица Лазо Трповски во Чаир, изградена е катната гаража на улица Кирил и Методиј, а во тек е и изградбата на катната гаража на улица Даме Груев, изграден е новиот мост помеѓу општините Сарај и Ѓорче Петров, изградени се велосипедски патеки долж реката Вардар во должина од над 10 километри и многу други.
Додека Жерновски своето време го троши на празни прес конференции, Градот Скопје продолжува со реализација на многу други конкретни проекти кои се одговор на реалните потреби на граѓаните на Скопје“, се вели во реакцијата на Град Скопје.