НАТО е загрижен од заканите на Русија дека ќе употреби воена сила против Украина, изјави заменикот генерален секретар на организацијата Александар Вершбау.
Вершбау ја осуди Москва за, според него, острата реторика и ја повика да го поддржи спроведувањето на договорot за смирување на ситуацијата во Украина, постигнат минатата недела во Женева.
– Користењето закани и спроведувањето воени вежби во близина на украинската граница ги зголемуваат тензиите во една и без тоа нестабилна ситуација и го нарушуваат духот на договорот од Женева, предупреди Вершбау.
Русија претходно изрази подготвеност да испрати војска во Украина, во случај да и бидат нарушени легитимните интереси во земјата, откако новите украински власти почнаа „антитерористичка операција“ против проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.
Главниот командант на Обединетите вооружени сили на НАТО во Европа, генерал Филип Бридлав во интервју за романски медиум изјави дека руските војници, распоредени долж границата со Украина се многубројни, добро опремени и подготвени, ако добија наредба да влезат во источниот дел на Украина.