Полска денеска почна голема вежба на спасувачи, пожарникари, полицајци и граничари, пренесува ИТАР-ТАСС.
Вежбите ќе траат три дена и во нив ќе учествуваат околу три илјади соработници на службите одговорни за редот и безбедноста во земјата.
Одлуката за организирање на вежбите е донесена поради случувањата во Украина. Според сценариото меѓу Мазовската и Швентокшиската област е замиселна граница, на која учесниците на вежбите ќе треба да патролираат и обезбедуваат.
Полските вооружени сили во вежбите ќе учествуваат со еден транспортен авион, два борбени авиони Миг-29 и воен хеликоптер. Вежби со ваква големина не се спроведени во Полска од средината на 70-тите години на минатиот век.