Потрагата од воздух по малезискиот „Боинг 777“, што на 8 март исчезна со 239 патници и членови на екипажот, привремено е прекината заради тропски циклон, иако 10 воени авиони веќе полетале во правец на областа што се пребарува.
– Планираните воздушни активности за денеска се откажани заради лошите временски услови во областа во која се одвива потрагата, односно заради тропскиот циклон Џек“, соопшти Здружениот координативен центар, додавајќи дека 10 бродови во оваа зона ќе продолжат со работата.
Утврдено е дека заради временските услови брановите се големи, а видливоста е слаба и дека заради тоа потрагата би била неефикасна, па дири и опасна, се додава во соопштението.
Австралија ја предводи потрагата по авионот што исчезна на помалку од еден час по полетувањето од Куала Лумпур за Пекинг и за кој се верува дека се урнал во Индиски Океан.
Се уште не се пронајдени никакви остатоци од авионот, а надлежните тврдат дека најдобрата трага што досега ја имаат се сигналите од локаторот на црната кутија.
Австралија испрати подморница да го пребарува Океанот на длабочина од 4.500 метри во близина на местото од кое дојдоа сигналите. Меѓутоа австралискиот премиер Тони Ебот минатата недела изјави дека подморницата ќе учествува во пребарувањето само околу една недела, а по пребараните две третини од маркираната зона немаше никакви резултати.