Кошаркарскиот клуб Феникс 2010 од Скопје, единствениот македонски претставник на меѓународниот кошаркарски турнир во Виена, а со максимален учинок се пласираа во разигрувањето.
На турнирот „Виена 2014’’ на кој настапуваат 520 екипи од 23 земји од Европа, КК Феникс настапува со три свои екипи во три возрасни категории, а на четиринаесетте одиграни натпревари досега забележаа исто толку победи.
Најмладата екипа до 12 години која ја сочинуваат играчи родени 2002 и 2003 година, во конкуренција на 45 екипи веќе се вброи меѓу дваесетте кои ќе настапат во првата фаза од разигрувањето. Денеска противник за влез во осминафиналето ќе им биде рускиот тим Санкт Петербург.
Екипата до 14 години (2000/2001 година), која како и помладиот тим до 12-години се актуелни шампиони на Македонија, во првите две фази по групи забележа максимални пет победи. Во осминафиналето кошаркарите на Феникс за противник ќе ја имаат италијанската екипа Салзано.
Пласман во осминафиналето и тоа на импресивен начин со пет од пет остварија и кошаркарите од генерацијата М-16 (1998/1999 година) кои во просек ги победуваа противничките екипи со повеќе од 22 поени по натпревар. Тие за влез во четвртфиналето денеска ќе играат со екипата на Јанце од Љубљана.
Турнирот кој се одржува веќе петнаесет години, а на кој настапуваат екипи од 12 до 22 години во двете конкуренции, е најмасовниот, воедно и еден од најпрестижните во Европа.
Квалитетот на овој „Виенски кошаркарски бал’’ го потврдува и учеството на реномираните екипи како: ЦСКА Моксва, Санкт Петербург, Алба Берлин, Баерн Минхен, Бамберг, Остенде, Тревиозо, Милано, Виланова Валенсија, Макаби и други.
Финалните натпревари на турнирот ќе се играат во сабота.