ВМРО-ДПМНЕ ги демантира сите наводи од денешната прес конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој објави аудио снимка на која тврди дека е снимени како Груевски го договарал милионскиот кеш.
„Наводите искажани од господинот Зоран Заев се целосно неточни и целосно измислени. Се работи за класична монтажа за нешто што во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски. Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали кои се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно добро се потрудиле колегите и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи, но за нивна жал ќе се уверат дека и ова нема да им пројде“, пишува во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека се работи за класична лага.
„И ако имало вакво нешто или било што незаконски направено од страна на Никола Груевски, започнувајќи од посочениот период кога ВМРО-ДПМНЕ е длабоко во опозиција, а премиер е Црвенковски и министер за внатрешни работи е Хари Костов, а потоа премиер станува Костов, па после него Бучковски, кога се водеа хајки против членови на ВМРО-ДПМНЕ и раководството на партијата во тоа време, и правеа се за да најдат и влакно во јајцето, за да може да го дискредитираат Груевски на политичката сцена, а и периодот потоа, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт од 2006тата година, досега најмалку стотина пати СДСМ или нивните коалициони партии ќе го објавеа ова и ќе поднесеа пријави и ќе постапеле по закон, а не вака да чекаат 5 дена пред избори и да се обидат да дискредитираат, мислејќи дека ќе им успее оваа манипулација и ќе се одрази на изборниот резултат“, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужба за клевета и навреда против Заев.
„Ако мисли Зоран Заев дека на овој начин, преку вакви манипулации ќе добие некој глас за изборите и дека некој во државава ќе подлегне на вакви измислици, лаги и монтировки длабоко се лаже. На 27 ми април ќе добие одговор што народот мисли за овие негови манипулации“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.