Триото Тавитјан, Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Хари Варешановиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Тереза Кесовија, Дадо Топиќ, Аки Ракимовски, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антонија Шола, Калиопи Букле, Каролина Гочева, Мики Јовановски Џафер, Ристо Самарџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски, Владо Јаневски и Оливер Мандиќ, ова се ѕвездите за централната прослава за Денот на независноста
По повод одбележувањето на 21-та годишнина од независноста на Република Македонија, Владата на 8 септември организира голем концерт на Националната арена „Филип Втори“ на браќата Тавитјан на кој ќе настапат и многу македонски и балкански ѕвезди.
Централната прослава за Денот на независноста , организирана од Владата, ќе се реализира преку концертот што ќе почне во 20 часот, на кој ќе биде промовиран албумот „Македонското срце чука во 7/8“ на браќата Тавитјан на Националната арена „Филип Втори .
Претходно, во 19 часот ќе се одржи свечена академија во Македонската опера и балет.
Во 21 часот на „Филип Втори“ ќе биде интонирана македонската химна во изведба на Игор Дурловски.
„По минатогодишната јубилејна прослава на 20-годишнината од независноста која помина исклучително успешно и со која докажавме дека сме нација која знае достоинствено да ги одбележува големите историски датуми, годинава државниот празник ќе биде одбележан со спектакуларен концерт кој ќе ја презентира богатата македонска музичка традиција“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Македонските ѕвезди заедно со балканските, рече, обединети на една сцена на македонски јазик ќе ги изведат најубавите наслови од македонската фолклорна ризница.
Во продажба се пуштени 70 илјади влезници по симболична цена од 20 денари, а сите посетители на влезот на арената ќе го добијат албумот „Македонското срце чука во 7/8“. Средствата од билетите, кои се продаваат во Тобако и Тинекс маркетите, ќе бидат дадени за хуманитарни цели,
Владата организира и бесплатен автобуски превоз до арената „Филип Втори“ од сите општини во државата по возен ред кој веќе е објавен во јавните гласила.
За манифестацијата, Владата на Република Македонија одвои средства во висина од 58 илјади евра за бина, озвучување, осветлување, како и за пропаганден материјал.