Премиерот Никола Груевски и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазар Поповски денеска и го честитаа освоено прво место во стрелаштво на Параолимписките игри во Лондон на Оловера Наковска Бикова.
-Со големо задоволство и радост ја примив веста за Вашиот голем успех, и за постигнатиот светски рекорд и освоеното прво место во најсилната конкуренција на Параолимписките игри. Дозволете, со оваа јавна честитка, во името на граѓаните, и Владата на Република Македонија, и во свое лично име, да Ви изразам голем почит за Вашето огромно достигнување и благодарност од името на целата нација за промоцијата на нашата земја Македонија. Вие сте хероина на нашата земја, а македонските граѓани заедно со Вас се радуваат и го слават Вашето дело, наведува Груевски во честитката до Наковска-Бикова.
Директорот на АМС, Лазар Поповски, во честитката испратена до Наковска-Бикова вели дека нашата хероина покажала како се бранат државните бои.
-Како голем спортист кој успешно настапува на сите меѓународни натпревари, поставувајќи нов светски рекорд во дисциплината стрелање со воздушен пиштол со растојание од 10 метри во Лондон, покажавте како се бранат боите на македонското знаме. Вашиот успех, несомнено ќе претставува инспирација за сите млади и идни спортисти. По тој повод, во име на Агенцијата за млади и спорт, Ве информирам дека со освојувањето на првото место во стрелаштво на Параолимписките Игри во Лондон, се стекнавте со правото на доживотна спортска пензија, односно станавте носител на Национално спортско признание, стои во честитката на Поповски.
Премиерот Груевски истакна дека ваквите успеси се и причина повеќе Владата да продолжи со поддршка и инвестиции во спортот и да работи на унапредување на условите за развој на спортистите и на нивните резултати и постигнувања.