На 4 септември е првото „чешлање“ на Владата на Груевски . Закажана е првата од серијата надзорни расправи на барање на опозицијата.
79 сведоци ќе одговараат на прашања од пратениците за тоа како се трошат и како се доделуваат субвенциите во земјоделството.
Поканети се да сведочат земјоделци, претставници на здруженијата на земјоделците, професори, експерти, но и вицепремиерот Зоран Ставревски, министерот и заменик министерот за земјоделство, Димовски и Коњановски, директорот на Агенцијата за финансирање на земјоделството, сегашни и поранешни инспектори, раководители на подрачни единици. Ќе сведочат за тоа како во својот мандат субвенциите ги делеле и екс министерот а сега амбасадор Ацо Спасеновски и неговиот заменик Христијан Делев.
Списокот е направен и усогласен од опозицијата и власта кои ќе ги кршат копјата на расправата.
Опозицијата ќе докажува дека субвенциите се злоупотребуваат, а власта дека субвенциите даваат ефект и дека завршуваат во рацете на земјоделците.
Граѓаните ќе можат и сами да проценат што се случува и која е вистината од директниот пренос, ако биде дозволено или од одложената снимка.
По оваа ќе следуваат и надзорни расправи за случајот Љубе Бошкоски, здравството, социјалата, „Скопје 2014“, работата на безбедносните служби.