Министерот за финансии Зоран Ставревски најави бран поскапувања кој се должи според него на состојбата на светскиот пазар. Тој кажа дека се следи состојбата со покачувањата што се случуваат на светско ниво и кои директно влијаат на домашниот пазар.
„Загрижува состојбата на светскиот пазар со осетното зголемување на цената на основните прехрамбени артикли. Завчера на светската берза во Чикаго се забележа најголем скок на цената на пченицата, пченката и сончогледот во последните 27 години. Ова секако ќе влијае и ќе има нов бран на покачување. Што се однесува до цената на нафтата и нафтените деривати, неа ја диктира пред се кризата во Блискиот Исток и скокот на доларот во однос на еврото. Владата е загрижена за ваквата состојба и во рамки на своите надлежности презема низа мерки преку отварање на нови работни места и социјалната програма да ги ублажи ударите врз животниот стандард на граѓаните“, рече Ставревски.
Тој кажа дека обезбедените 100 милиони евра од Европската инвестициска банка се главниот инструмент во борбата против актуелната економска криза и добро е што имало добар интерес.
„Веќе првите 20 милиони евра се побарани за изработените проекти и ќе бидат дадени на почетокот на септември. Околу 80 претпријатија аплицираа и со тоа ќе добијат ликвидни средства за инвестиција во нивниот понатамошен развој, изјави Ставрески.
Според министерот добар е интересот и за средствата од Македонската банка за подршка на развојот, на земјоделските претпријатија и претпријатија за откуп и преработка на земјоделски производи.
„Досега 19 фирми изразија интерес за овие финансиски средства. Од нив пет во целост ги исполнија стандардите што се бараа и на истите во текот на следната недела ќе им бидат испратени 1,6 милиони евра, а останатите треба да ги доработат проектите. Најголем е интересот од страна на претпријатија кои вршат откуп на зеленчук и грозје, а интерес има и од преработувачитее“, рече Ставревски.