Американскиот пливач Мајкл Фелпс се соочува со можна парична казна но и со одземање на медалите освоени на Олимписките игри во Лондон бидејќи незаконски се објавени фотографии на кои се рекламира компанија која не е официјален спонзор на ОИ.
Фелпс би можел да претрпи штета бидејќи тој се појавува како манекен во новата реклама на модната куќа „Луј Витон“.
Според членот 40. на олимпискиот статут на МОК, спортистот не смее во текот на натпреварувањето но и во одреден временски период после Олимпијадата да рекламира компании кои не биле спонзори.
Оваа забрана важеше од 18. јули до 15. август, а фотографиите на интернет се појавија на 13. август.
Фотографиите се дело на познатата уметничка Ени Либовиц која се правдаше дека објавувањето не е намерно туку дека двајца фотографи кои биле дел од кампањата ги поставиле самоиницијативно на интернет.
Се јави и менаџерот на Фелпс, кој тврди дека не може да се случи ништо со познатиот пливач. Според него, Мајкл Фелпс не го прекршил статутот на МОК бидејќи тој не ги објавил фотографиите, а не ги ни авторизирал претходно.