СДСМ одржа симболичен протест пред седиштето на ОКТА, со цел како што рекоа да укажат зашто ВМРО-ДПМНЕ не сакале да прифатат уставни измени со кои криминалот од приватизацијата нема да застарува.
„ОКТА е совршен пример за тоа. Нашата единствена рафинерија беше продадена во 4 очи на крајот на деведесеттите и на нејзината продажба стои потписот на Никола Груевски, тогашниот министер за финансии, а денешен премиер на Република Македонија“, рече Стефан Богоев од СДСМ.
Според него, продажбата во четири очи не е единствениот проблем со оваа приватизација, туку и склучениот догвор со рафинеријата со кој граѓаните возат на најнеквалитетни горива.
„Ние сме овде да го потсетиме, и него и неговите сопартијци, дека криминал толку голем не може да замине во историјата незабележан. Господине Груевски, лицемерно е да зборувате за криминални приватизации, а да не се сеќавате кој ја продаде нашата единствена рафинерија во 4 очи, кој го продаде единствениот телеком што го имаме, националната платежна картичка“, рече Богоев.