Владимир Милчин најави покренување на тужба пред надлежниот Управен суд и кривична пријава против како што вели „претседателот со изминат мандат“ Томе Аџиев но и против сите оние кои наседнале или намерно досието за „Мишо“ го поистоветиле со досието „Драматург“.
„Одлуката на Комисијата е куп смрдливи лаги. Лицето Томе Аџиев е кодош кој бесрамно ги спроведува налогот на налогодавецот, а тоа е оваа Влада. Аџиев го затаји документот на УБК во кој стои дека Владимир Милчин не е соработник на тајните служби“, изјави на прес конференција Владимир Милчин.
Ова што Аџиев го прогласува за доказ, според Милчин се куп полуписмени белешки. Аџиев вели го крие документот со кој 4-те служби потврдуваат дека тој не е ниту соработник ниту информатор. Не објавил белешка, од времето по дерегистрацијата на Милчин, од 1976 до август 1997 година, дека е анархолиберал, либерал, опасен по системот и не сака да соработува со службите.
Милчин појасни дека двете белешки меѓу кои и оние за „Мишо“ и за Ристо Шишков се од поранешниот самостоен инспектор со иницијали С.К. Вистинската цел на овој линч, според Милчин е негово компромитирање кој е трн во окото на овој режим.
Тој кажа дека не му понудиле никогаш соработка, зошто најверојатно знаеле дека нема да прифати, нема никаков документ дека тој прифатил било каква соработка со тајните служби или дека имал било каква полза од таа соработка. Милчин рече дека живее во истиот стан кој го добил во наследство. И овој режим, вели, ако не може Милчин да го придобие за соработка, сака да го искомпромитира. За Милчин актуелниот не е ништо подобар од режимот кој му го полнел досието, го прислушувал, следел и му ги анализирал претставите.
„Лустрацијата е како римската арена во која луѓето се фрлани да се изедат меѓу себе или да се истепаат“, рече Милчин.
„Или ваквиот закон за лустрација и комисијата ќе бидат ставени аd аcta или аd аcta ке оди државата Македонија“, додаде Милчин.
Управниот суд, вели, е тест кој следи. Милчин најави наскоро средба со новинарите на која ќе ја образложи кривичната прија за како што рече „ претседателот со изминат мандат на Комисијата која божем верификува факти“.