Младата македонска актерка Наташа Петровиќ е дел од жирито на третиот интернационален фестивал „Авантура фестивал филм форум“ во Задар (Avvantura Festival Film Forum Zadar), кој ќе се одржува од 25-ти до 31 август.
Покрај Петровиќ, која лани на Берлинале беше избрана меѓу најдобрите млади актери во Европа (Shooting Stars), во жирито се и Карел Ох, уметнички директор на фестивалот во Карлови Вари, Луис Минаро, шпански продуцент, Стефан Китанов, основач и директор на познатиот филмски фестивал во Софија, и Огњен Свиличиќ, хрватски режисер и сценарист.
Во Главната програма на фестивалот фокусот е ставен на копродукциите и соработката на филмските продуценти, а главно ќе се прикажуваат наградувани филмови.
Задарскиот филмски фестивал е еден неколкуте регионални кои е активен партиципиент во програмата Eye On Films – посветена на промоција и дистрибуција на дебитантски филмови. Оваа глобална мрежа е составена од 40 филмски фестивали и 39 филмски дистрибутери кои гарантираат циркулација и комерцијална експанзија на оваа категорија филмови.
Оваа година фестивалот е партнер со Нисимаса (www.nisimasa.com), европска мрежа за собирање млади професионалци од 26 земји, чија цел е откривање нови таленти и развој на аудиовизуелни проекти, а остварува и соработка и партнерство со Европскиот филмски фонд Еуримаж.
Основач и директор на фестивалот е Сергеј Станојковски, познат како режисер на играниот филм „Контакт“, а почесен член на фестивалскиот совет е легендарниот хрватски продуцент и добитник на два оскара – Бранко Лустиг.