Пред спомен – обележјата во село Љубанци, во касарната „Илинден“ и во Волково, денеска ќе бидат одбележани 11 години од загинувањето на осумте воени обврзници на АРМ кај месноста Љуботенски Бачила.
Делегација на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески ќе положи цвеќе на спомен-обележјето во село Волково.
Почит на загинатите бранители со положување цвеќе делегации на МО и на ГШ на АРМ ќе искажат и во село Љубанци и пред спомен-обележјето во касарната „Илинден“.
По повод одбележување на загинувањето на припадниците на Армијата на Република Македонија во конфликтот во 2001 година кај Љуботенски бачила, делегација на Владата на Република Македонија во состав Зоран Коњановски, заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Петар Есмеров, државен секретар во Министерството за одбрана и Драган Недељковиќ, заменик министер за култура, пред споменикот на жртвите во село Љубанци, пред споменикот во село Волково и пред споменикот на бранителите во касарната Илинден, ќе положи свежо цвеќе.
Во организација на општина Ѓорче Петров ќе биде откриен нов споменик на бранителите од 2001 година и спомен-чешма во село Волково.
На 10 август 2001 година воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски бачила нагази на две противтенсковски мини. Притоа животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје.