Политичкиот аналитичар од Приштина Бељуљ Бечај денеска изјави дека во односите меѓу Косово и Србија почнуваат да се случуваат конкретни работи и оцени дека Белград и Приштина меѓусебните несогласувања требда да ги решат сами, а не да бараат помош од меѓународната заедница.
Во последно време почнува да се случува нешто конкретно и позитивно во Косово. Верувам дека минатото има своја тежина, но сите треба да се одредиме кон иднината, бидејќи секое гледање назад ја забавува заедничката иднина независно колку се почитуваме, изјави Бечај за Танјуг.
Според него, изјавата на вице-премиерот на Косово Хајредин Кучи за подготвеноста на премиер Хашим Тачи да се сретне со Томислав Николиќ за доброто на двата народи, е јасен сигнал дека косовските власти ја разбираат потребата да се делува во согласност со духот на времето.
– Сегашноста е во прилог на заедничките интереси, бидејќи заедно се стремиме кон Европската заедница, изјави Бечај.
Кучи претходно изјави дека косовскиот премиер Хашим Тачи е подготвен да се сретне со претседателот на Србија Томислав Николиќ за доброто на двата народи, мирот, стабилноста и европската перспектива на регионот, како и дека тоа треба да бидат разговори меѓу претставници на две суверени држави. а