Ракометарките на Црна Гора го направија најголемото изненадување на четвртфиналните натпревари откако во последниот дуел синоќа во „Купер бокс“ арената ја совладаа Франција со 23:22. Победоносниот гол го постигна Катерина Булатовиќ од седум метри во последната секунда.
Во полуфиналето Црна Гора ќе игра против Шпанија, која со 25:22 ја совлада Хрватска. Клучен момент на овој натпревар беше повредата на Андреа Пенезиќ, најдобрата ракометарка на Хрватска во 40.минута. Од тој момент Шпанија направи предност, која ја сочува докрајот на натпреварот.
Победа од 24:23 оствари Јужна Кореја против Русија и во полуфиналето ќе игра против олимпискиот шампион Норвешка, кој со 21:19 во неизвесен натпревар го победи Бразил.