Еден необичен случај од германскиот град Гелзенкирхен предизвика бројни реакции во јавноста.
Хана (31) седнала на клупа во паркот за да се смири и да разговара со својата тетка по телефон, но наместо разбирање, добила казна од 25 евра од општинските службеници.
Како што изјави за германскиот јавен сервис WDR, таа минувала низ тежок период поради проблеми со студиите и финансиите. Затоа, на 25 октомври, отишла во паркот „Гликауф“ (Glykauf Park), каде што емоциите ја совладале и таа почнала да плаче.
Таа седнала на клупа во делот од паркот што е наменет за детско игралиште и ѝ се јавила на тетка си. Меѓутоа, набргу ѝ пристапиле тројца комунални службеници и ја прашале дали децата што си играле во близина се нејзини.
Кога одговорила дека не се, тие побарале документи од неа и ѝ врачиле казна од 25 евра.
Причината за казната лежи во локалната одредба на градот Гелзенкирхен, според која детските игралишта можат да ги користат деца до 14-годишна возраст, како и возрасните што ги придружуваат.
Хана не знаела дека не смее да седи на клупата без дете, а особено ја погодил начинот на кој службениците се однесувале кон неа.
„Зошто нема човечност? Кога ќе видите човек како плаче, би можеле прво да го прашате дали е добро и дали му треба помош“, изјави Хана за WDR.
Градските власти, сепак, сметаат дека општинските службеници не направиле грешка и дека казната од 25 евра е блага и соодветна.
Случајот предизвика дебата во јавноста, а дополнително внимание привлече фактот што градскиот совет разгледуваше зголемување на казните за слични прекршоци, при што тие во иднина би можеле да достигнат и до 60 евра.
