На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, Левица образложи три амандмани на Предлог-буџетот за 2027 година, со кои побара дополнителни средства за кадровско екипирање на центрите за социјална работа, отворање нови шелтер-центри и воспоставување специјализирани советувалишта за жртви на семејно насилство. Сите три амандмани, образложени од пратеничката Јована Мојсоска, беа одбиени од ДПМНЕ.
Со првиот амандман, Левица побара дополнителни 78 милиони денари за зајакнување на кадровските капацитети на центрите за социјална работа, преку вработување дополнителен стручен кадар и формирање специјализирани тимови за постапување во случаи на семејно и родово базирано насилство. Мојсоска посочи дека само во 2025 година во центрите за социјална работа биле регистрирани 1.700 пријави од жртви на семејно насилство, додека во првите шест месеци од 2026 година бројот на регистрирани случаи е зголемен за 60%. И покрај растечкиот број пријави, центрите функционираат со хроничен недостиг на стручен кадар, а Државниот завод за ревизија и меѓународните извештаи постојано укажуваат на недостатоците во нивното работење.
Мојсоска предупреди дека законската обврска центрите да постапат во рок од 12 часа по добиена пријава во пракса не се исполнува, па се случува да поминат и неколку недели без да се оствари средба со жртвата. Дополнително, центрите имаат обврска да обезбедат заштита на жртвите и да координираат со училиштата, полицијата и здравствените установи, но без доволно стручен кадар и континуирана професионална едукација не можат соодветно да одговорат на овие надлежности. „Од самиот систем зависи како институциите ќе одговорат на насилството“, порача Мојсоска.
Со вториот амандман, Левица побара дополнителни средства за обезбедување шелтер-центри и места за згрижување на жртвите од семејно насилство. Мојсоска посочи дека на национално ниво се потребни 184 места за сместување, додека институциите имаат обезбедено само 67. Тоа значи дека недостигаат 117 места, односно дека се обезбедени само 37% од потребните капацитети. Таа ја доведе во прашање и најавената меѓуинституционална координација на Владата, посочувајќи дека не може да се зборува за ефикасна координација кога центрите за социјална работа кубурат со кадар, а шелтер-центрите се недоволни и дел од нив постојат само на хартија. Притоа, предупреди дека ваквиот однос кон најранливите категории е една од причините поради кои државата бележи алармантни бројки на фемициди.
Третиот амандман предвидуваше дополнителни 80 милиони денари за отворање и финансирање специјализирани советувалишта за жртви и сторители на семејно насилство. Според наодите на Државниот завод за ревизија, на национално ниво се потребни 19 вакви советувалишта, додека на хартија постојат само 11, од кои речиси половина не се функционални. Особено алармантен е податокот дека во Југоисточниот регион нема ниту едно советувалиште, додека специјализираните услуги се концентрирани претежно во скопскиот регион, со што жените од руралните средини се ставени во особено неповолна положба. Мојсоска потсети дека во последните три години не е отворено ниту едно ново советувалиште, и покрај постојаните тврдења на власта дека средствата за оваа намена се предвидени.
Поврзувајќи ги трите амандмани со пошироката институционална негрижа, Мојсоска се повика и на анализите на граѓанскиот сектор, според кои за воспоставување ефикасен систем за заштита од семејно насилство се потребни околу 7 милиони евра годишно, односно само 0,1% од државниот буџет. Овој систем треба да обезбеди функционални советувалишта, шелтер-центри и бесплатна здравствена заштита за жртвите.
„Ние ниту овој 0,1% со години не успеваме да го обезбедиме. Ако навистина не можеме ваков износ да издвоиме, тогаш потполно треба да ја распуштиме државата“, порача Мојсоска.
Со одбивањето на трите амандмани на денешната комисиска седница, ДПМНЕ одби да инвестира во основните механизми за заштита на жртвите од семејно насилство – стручни и оспособени институции, безбедно сместување и достапна специјализирана поддршка. Додека Владата најавува координација и декларативно зборува за нулта толеранција кон насилството, нејзиното постапување во Собранието покажува дека не е подготвена да ги обезбеди ниту основните услови за функционален систем на заштита.
