Обилните снежни врнежи предизвикаа проблеми во делови од Германија, при што се пријавени неколку стотици сообраќајни несреќи на замрзнатите патишта во јужна Баварија. Дошло до превртување на камиони, а автопатот што води кон Австрија бил затворен за сообраќај.
Како што објави денеска весникот „Билд“ (Bild), полицијата во Горна Баварија евидентирала повеќе од 400 сообраќајни несреќи.
Во Долна Баварија, полицијата и противпожарните служби интервенирале во околу 80 инциденти предизвикани од снегот и мразот.
Автопатот А93 кон Австрија бил затворен поради снежните врнежи, а истовремено се спроведувале и гранични контроли.
Во близина на Иршенберг, камион удрил во заштитната ограда на средишниот разделник. Сообраќајниот метеж дополнително се влошил поради затворањето на автопатот А93.
И на локалните патишта повремено доаѓало до целосен застој во сообраќајот. Патот Б2 кон Митенвалд бил затворен откако неколку камиони се превртеле, блокирајќи го коловозот и оневозможувајќи го минувањето на возилата за чистење снег.
Патот Б15а во Горна Баварија, исто така, бил затворен неколку часа. Камион што превезувал 22 тони италијански тестенини излетал од патот, па за негово извлекување била потребна кранска дизалица. Во Фисен, автомобил пролизгал на спротивната коловозна лента на лизгавиот пат и директно се судрил со минибус. Од силината на ударот, автомобилот завршил во канал покрај патот.
Противпожарните екипи морале да го исечат покривот на возилото за да извлечат двајца патници. Еден од патниците во автомобилот се здобил со тешки повреди на главата, додека двајцата возачи во минибусот претрпеле полесни повреди.
