Нагазни мини демнат деца – 1.000 малолетници загинаa или се повредени по падот на Асад

Од:

Единаесетгодишната Алаа чувала кози со своите браќа и сестри во селото Ум Хузаим, во северозападна Сирија, кога одекнала експлозија. Девојчето загинало, а нејзиниот десетгодишен брат се здобил со тешки повреди. Децата случајно активирале неексплодирана експлозивна направа.

Оваа трагедија уште еднаш ги истакна опасностите со кои се соочува населението при враќањето во области што некогаш биле поприште на борбени дејствија. Иако тимовите за деминирање претходно го пребарале селото, експлозивната направа останала скриена во земјата.

Според Службата на ОН за дејствија поврзани со мини (UNMAS), од падот на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година, регистрирани се најмалку 2.701 жртва од експлозивни направи. Од нив, 935 лица загинале, а 1.766 биле повредени. Во оваа бројка се вклучени 995 деца – повеќе од една третина од вкупниот број на жртви.

Извештај на организацијата „Landmine Monitor“ документира 1.602 смртни случаи и повреди во Сирија во текот на 2025 година – што претставува зголемување од над 50 отсто во споредба со претходната година. Само во Мјанмар е забележан поголем број жртви.

Експертите предупредуваат дека нагазните мини и другите експлозивни направи не се ограничени само на поранешните линии на фронтот. Тие се расфрлани низ полињата, патиштата, напуштените куќи и пасиштата, а недостатокот на сигурни мапи дополнително го отежнува нивното лоцирање.

Повеќе од 60 отсто од регистрираните жртви загинале или биле повредени додека извршувале земјоделски работи или чувале добиток. Многу семејства, притиснати од сиромаштија и недостиг на храна, немаат друг избор освен да влезат во високоризични области.

Експертите исто така предупредуваат дека реалниот број на жртви би можел да биде за 25 до 50 отсто поголем од официјалните бројки, бидејќи несреќите во оддалечените села честопати остануваат непријавени.

Деминирањето бара долгогодишна работа, специјализирана опрема и значителни финансиски средства – сепак, илјадници семејства веќе се враќаат во своите домови. За нив, враќањето дома, за жал, не значи и враќање кон безбеден живот.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Експлозија на гасовод кај Дамаск

Откриена тајна на Асад: Сирија имала непријавена нуклеарна програма

Нетанјаху му се закани на Ердоган: „Не сакам да ја видам Турција на југот на Сирија“

„Фокс њуз“: САД за сè беа известени однапред

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Нова ескалација на Блискиот Исток: Израел нападна воен аеродром во Сирија

ВИДЕО: Соборениот сириски диктатор Башар ал Асад осуден на смрт во отсуство