Сириски суд го осуди поранешниот сириски претседател Башар ал Асад на смрт во отсуство, откако го прогласи за виновен за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на граѓанската војна во земјата.
Ова е првата пресуда против Асад, кој во декември 2024 година избега од Дамаск во Москва со своето семејство, откако неговиот режим беше соборен, со што заврши петдецениското владеење на неговото семејство со Сирија.
На смрт е осуден и неговиот братучед Атеф Наџиб, поранешен шеф на политичката безбедност во провинцијата Дера, на југот на Сирија. Тој беше изведен пред суд и се појави во судницата облечен во затворска униформа и сместен во кафез, додека судијата ја читаше пресудата.
Дера се смета за местото од каде што започна востанието против режимот на Асад.
Во март 2011 година, приведувањето и наводното мачење на група тинејџери обвинети дека испишувале антивладини графити предизвикаа протести во градот. Безбедносните сили реагираа со насилно задушување на демонстрациите, што дополнително ги разгоре протестите низ целата земја и на крајот доведе до граѓанска војна.
Во конфликтот што траеше повеќе од една деценија беа убиени стотици илјади луѓе.
Привремената сириска влада претходно годинава започна судски постапки против поранешни функционери поврзани со режимот на Асад, кој владееше со земјата повеќе од 50 години.
Наџиб е меѓу највисоките функционери на поранешниот режим кои досега се најдоа пред суд.
Тој беше прогласен за виновен за повеќе кривични дела, меѓу кои убиство, „намерно убивање деца помлади од 15 години“ и „мачење со смртен исход“.
Судот во отсуство на смрт ги осуди и шестмина поранешни воени и безбедносни функционери, меѓу кои и помладиот брат на Башар ал Асад, Махер ал Асад.
Махер ја предводеше елитната Четврта дивизија на сириската армија и, исто така, побегна во Москва по падот на режимот.
Меѓу осудените во отсуство е и поранешниот министер за одбрана Фахд ал-Фрејџ.
