ВИДЕО: Стерјовски во ОН побара заштита на Македонците во Албанија од притисоците за наметнување бугарски идентитет

Од:

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, на состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет во седиштето на Обединетите нации во Женева, побара посебно внимание за положбата и заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.

Состанокот беше организиран од специјалниот известувач на ОН за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, а Стерјовски се обрати во име на македонската заедница во Албанија, посочувајќи ги предизвиците со кои таа се соочува, особено во контекст на европската интеграција на земјата.

Во обраќањето, како што соопшти МАЕИ, Стерјовски истакна дека Македонците се автохтоно национално малцинство во Албанија, лојални граѓани кои ги почитуваат институциите и придонесуваат за развојот на државата, но дека нивниот идентитет се соочува со сериозни предизвици.

Тој изрази загриженост поради, како што наведе, растечкиот политички притисок од Бугарија врз Албанија, со користење на нејзината позиција како членка на Европската Унија и влијанието во процесот на проширување за унапредување на националната агенда во земјата.

Стерјовски посочи на промовирањето тврдења дека Македонците во Албанија се Бугари, како и на обидите за наметнување бугарски идентитет преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок.

– Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како средство за притисок врз земјата да прифаќа политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија, нагласи Стерјовски.

Тој потенцираше дека малцинските права не смеат да се инструментализираат за геополитички цели и дека никому не смее да му се наметнува идентитет спротивен на неговото слободно право на самоопределување.

Како долгогодишни проблеми на македонската заедница во Албанија ги посочи недоволната институционална поддршка за зачувување и развој на македонскиот јазик и култура, ограничените можности за образование на мајчин јазик, недоволната политичка застапеност и учество во процесите на донесување одлуки.

Тој укажа и на социо-економските предизвици, меѓу кои депопулацијата, миграцијата, ограничените можности за вработување и недоволните инвестиции во инфраструктурата и локалниот развој, кои, според него, директно влијаат врз иднината на македонските населени места и зачувувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет.

Стерјовски упати повик до специјалниот известувач на ОН, Николас Леврат, да посвети посебно внимание на положбата на македонското малцинство во Албанија и да оствари официјална посета на земјата, при што би се сретнал со претставници на македонската заедница и би ги посетил областите населени со Македонци.

Тој побара и Леврат да стапи во контакт со албанските власти и да ја нагласи нивната обврска за целосна заштита на правата на националните малцинства, согласно меѓународните стандарди за човекови права и обврските преземени во рамките на процесот на европска интеграција.

– Албанија заслужува европска иднина, а македонското малцинство заслужува да биде рамноправен и почитуван дел од таа иднина, порача Стерјовски.

Учеството на претседателот на МАЕИ на меѓународниот состанок е реализирано со поддршка на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Канада. Од МАЕИ посочуваат дека учеството претставува можност прашањето за положбата, остварувањето на правата и заштитата на македонското национално малцинство во Албанија да биде актуелизирано пред релевантните механизми на Обединетите нации.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Стерјовски: Празниот простор што го оставија Албанија и Македонија во Општина Пустец го пополнува Бугарија

Македонците во Албанија бараат изборни квоти за малцинствата

МАЕИ бара јавно извинување за етикетирање на македонската заедница во Албанија како „Северномакедонци“, од албанската амбасадорка во Софија

Партијата на Македонците бара албанската влада да ја забрани фондацијата „Бугарска меморија“

Стерјовски: Се манипулира со пописот во Албанија, македонското малцинството е во опасност да исчезне

ЦИК ја регистрира МАЕИ за учество на локалните избори во Албанија

Ана Ололовска