Левица ја обвини Владата дека со сопствената потрошувачка кошничка ја прикажува реалната сиромаштија на граѓаните како прифатлив животен стандард, откако во владините пресметки беше наведено дека на четиричлено семејство месечно му се потребни само 3.256 денари за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива.
Од партијата реагираат дека податокот бил посочен при телевизиско гостување на заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и прашуваат според кои цени и тарифи функционерите ги пресметувале трошоците.
„Само сметката за парно греење за стан од 60 квадратни метри во Скопје изнесува околу 2.500 денари. Според математиката на ДПМНЕ, со преостанатите 756 денари едно четиричлено семејство треба цел месец да користи електрична енергија и да ги подмирува останатите трошоци за домување“, велат од Левица.
Од партијата посочуваат дека ова се случува во услови кога, како што наведуваат, Владата ги подготвува граѓаните за трето поскапување на парното во рок од една година, како и за ново поскапување на електричната енергија.
Левица ја критикува и одлуката на Владата да изготви сопствена потрошувачка кошничка наспроти синдикалната, оценувајќи дека со таквата методологија се занемаруваат реалните животни потреби на населението.
Според партијата, од владината кошничка се изоставени трошоците за кирија, станбени кредити и годишен одмор, а методологијата се темели на реализираната потрошувачка, наместо на реалните потреби на граѓаните.
„Колку помалку граѓаните можат да си дозволат, толку поевтин ќе изгледа животот во владините пресметки“, наведуваат од Левица.
Од партијата оценуваат дека функционерите, чии службени привилегии и трошоци се финансираат од буџетот, не можат да им одредуваат на граѓаните колку им се доволни за основните животни потреби.
Левица бара Министерството за економија и труд да ја објави целокупната методологија, цените, количините и деталната структура на трошоците врз основа на кои е изготвена владината потрошувачка кошничка.
„Задачата на Владата е да ја намали сиромаштијата, а не статистички да ја преквалификува во пристоен животен стандард. На македонскиот народ му се потребни повисоки плати и пониски сметки, а не владино редактирање на неговата беда“, порачуваат од Левица.
