Неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, не претставува безбедносна закана за САД, клучното прашање и натаму останува без одговор: дали жената со која Хуанг имал љубовна афера била кинеска шпионка?
Високи американски функционери задолжени за национална безбедност, меѓу кои претставници на Белата куќа, ФБИ и ЦИА, во последните денови разговарале за тоа дали Алис Хуанг, поранешна директорка во една од големите компании-клиенти на „Енвидија“, работела за главната кинеска разузнавачка служба или ѝ доставувала информации. Ова го тврдат пет извори запознаени со случајот, кои зборувале под услов на анонимност.
САД собрале разузнавачки информации за Алис Хуанг и нејзините контакти со лица поврзани со кинеското Министерство за државна безбедност, изјавиле двајца соговорници запознаени со податоците. Според нив, овие информации со месеци биле наведувани во извештаи на неколку разузнавачки агенции, меѓу кои и ЦИА.
Клучните функционери, вклучително и претставници на ФБИ, ЦИА и Марко Рубио, советникот за национална безбедност на Трамп и државен секретар, се согласуваат околу основните факти, но имаат различни толкувања за значењето на собраните разузнавачки информации.
Овие разлики не биле официјално разгледувани ниту дискутирани во администрацијата пред Хуанг да ја напушти „Енвидија“, тврдат петте извори.
Толкувањето на фактите е важно за разбирање на одлуката на Трамп да застане зад враќањето на Хуанг на функцијата извршен директор на „Енвидија“, велат тројца соговорници. Разузнавачките податоци веројатно ќе бидат клучни и за секоја конгресна истрага за компанијата и постапките на претседателот.
„Ројтерс“ не успеал да ги утврди деталите од разузнавачките извештаи.
Различни проценки на ФБИ и ЦИА за вмешаноста на Алис Хуанг
ФБИ, кое е надлежно за контраразузнавачки истраги, на неодамнешните брифинзи проценило дека американските разузнавачки информации не покажуваат дека Алис Хуанг била службеничка или соработничка на кинеската разузнавачка служба, изјавиле двајца соговорници запознаени со податоците.
Ставот на ЦИА е понијансиран. Агенцијата смета дека извештаите не покажуваат јасно оти таа поседувала чувствителни информации за националната безбедност или ги проследувала до Кина, но не ја исклучува можноста да се појават нови докази.
Некои функционери сметаат дека контактите на Алис Хуанг со кинеската разузнавачка служба укажуваат на нејзина соработка со Пекинг, дури и ако американските разузнавачки податоци не покажуваат дека таа навистина проследувала информации.
Во доверлив меморандум што Рубио го напишал претходно годинава се наведува дека кинеското Министерство за државна безбедност (МСС) ја регрутирало Хуанг, потенцијално како разузнавачка соработничка, според претходен извештај на „Њујорк тајмс“.
Разузнавачките извештаи биле строго доверливи и достапни само за ограничен круг лица во разузнавачката заедница и кабинетот. Тие не биле споделени со Конгресот, велат двајца соговорници.
Белата куќа, ЦИА, ФБИ и Стејт департментот одбиле да коментираат. Џенсен Хуанг призна дека ја изневерил сопругата и ѝ се извинил, но јавно не зборувал подетално за наводните врски. Кина ги отфрли обвинувањата за шпионажа. „Ројтерс“ не успеал да стапи во контакт со Алис Хуанг.
Разузнавачките информации не биле широко споделувани
Различните толкувања на американските разузнавачки податоци укажуваат на проблем во администрацијата на Трамп, на кој предупредуваат актуелни и поранешни разузнавачки функционери: доверливите информации сега многу помалку се споделуваат и разгледуваат во рамките на разузнавачката заедница.
Советот за национална безбедност, кој од почетокот на мандатот на Трамп претрпе значителни намалувања на бројот на вработени, традиционално организираше состаноци на кои функционери од различни агенции ги анализираа и дискутираа разузнавачките информации поврзани со чувствителни прашања. Но, таквите состаноци сега се поретки отколку во претходните администрации.
Советот не одржал состаноци на министерско ниво со функционери од различни агенции за случајот со Алис Хуанг и „Енвидија“, велат двајца соговорници запознаени со прашањето.
Последица од намаленото споделување на разузнавачките информации може да биде нивна недоволна проверка и анализа пред да стигнат до носителите на политичките одлуки, објави претходно „Ројтерс“.
Анализата на ЦИА покажува дека Алис Хуанг, која е кинеска државјанка, била во контакт со кинеската разузнавачка служба, бидејќи кинескиот закон ги обврзува граѓаните да соработуваат со разузнавачките власти на земјата.
Еден од соговорниците изјавил дека извештаите на ЦИА во овој случај главно се фокусирале на улогата на Алис Хуанг во нејзиниот поранешен работодавач, компанијата „Мегаспид“, и пренасочувањето американски чипови кон Кина.
Многу функционери сметаат дека овие активности претставуваат поголема закана за националната безбедност отколку љубовната афера на извршниот директор на „Енвидија“.
Од „Мегаспид“ соопштиле дека работат легално и во согласност со законите, вклучително и со американските ограничувања за извоз.
Спротивставени толкувања во администрацијата на Трамп
Кога раководството на „Енвидија“ го смени Хуанг претходно овој месец, функционери во администрацијата објавија изјави кои се чинеше дека се спротивни на информациите од меморандумот на Рубио.
Потпретседателот Џеј Ди Венс и Трамп, кои и двајцата позитивно зборуваа за извршниот директор на „Енвидија“, по разговорот со главниот државен обвинител Тод Бланш изјавија дека заклучиле оти Хуанг не претставува закана за националната безбедност.
Директорот на Националната разузнавачка служба, Џеј Клејтон, изјави дека не е јасно дали Алис Хуанг била соработничка на кинеските разузнавачки служби.
Рубио јавно не зборувал за „Енвидија“ откако Хуанг се врати на функцијата.
Кога „Њујорк тајмс“ претходно овој месец ја објави веста за меморандумот, тоа предизвикало вознемиреност во администрацијата и меѓу членовите на раководството на „Енвидија“, кои се прашувале дали Хуанг знаел дека имал афера со жена која проследувала информации до Кина, според двајца соговорници запознаени со разговорите.
Трамп во разговорите ги вклучил Венс, Бланш и Клејтон за да разговараат за разузнавачките информации, притискајќи ги да одговорат дали извршниот директор е под истрага и дали претставува каква било закана за американската национална безбедност.
Бланш му рекол на Венс дека Хуанг не претставува закана, како што претходно објави „Ројтерс“. Рубио не учествувал во тие разговори, а враќањето на Хуанг на функцијата го затекнало неподготвен, изјавил еден од соговорниците.
