Џенсен Хуанг им се извини на вработените: Направив ужасни грешки

Од:

Извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, им се извини на вработените за време на состанок со целиот персонал – еден ден откако беше вратен на чело на компанијата што ја основал пред 30 години – и откри дека секојдневно посетува терапија, според извор запознаен со ситуацијата.

Хуанг поднесе оставка на 12 ноември по бројните извештаи за наводни вонбрачни афери – вклучително и една со жена за која американските власти се сомневале дека можеби е агент на кинеското разузнавање, како и друга со вработена која му била подредена – објави Си-Ен-Ен (CNN).

Во понеделникот, „Nvidia“ објави дека тој е повторно именуван за извршен директор, со што се поништува претходната одлука тој да не биде вратен на таа функција.

Според изворот, Управниот одбор ја променил својата одлука по притисокот што, наводно, го извршиле американскиот претседател Доналд Трамп и други високи функционери во американската администрација.

Трамп изјави дека лично стапил во контакт со Управниот одбор во име на Хуанг; сепак, за време на состанокот, извршниот директор ги отфрли тврдењата дека претседателот го организирал неговото враќање, тврдејќи дека Одборот донел одлука независно.

Хуанг објасни дека поднел оставка бидејќи го прекршил кодексот на однесување на компанијата, но нагласи дека неговото враќање не значи оти тој е ослободен од правилата што важат за сите други вработени. Тој додаде дека прекршувањето на кодексот на однесување не резултира автоматски со отказ, а раководството одлучува за секој поединечен случај.

„Направив некои ужасни грешки“, рекол Хуанг, според изворите, додавајќи дека им се извинил на сопругата и децата и дека е благодарен за втората шанса.

Тој исто така им откри на вработените дека секој ден поминува повеќе од еден час на терапија.

Состанокот траел околу еден час, а Хуанг го опиша како еден од најтешките во неговата кариера. Сепак, тој напомена дека најтешкиот разговор што некогаш го водел бил оној со неговата сопруга.

Тој зборуваше и за раководната структура на „Nvidia“, која вклучува десетици раководители што одговараат директно пред него, но во која нема јасно одреден наследник.

Според него, овој модел ја одразува разновидноста на деловните активности на компанијата и на сите им дава „еднаков глас“ – исто како што има и тој самиот. За време на неговото отсуство, главниот финансиски директор Колет Крес ја извршуваше функцијата привремен извршен директор, додека одборот на директори ги разгледуваше внатрешните и надворешните кандидати за таа позиција.

Хуанг не одговори на прашањата од вработените за време на состанокот, иако во еден момент побара од нив повратни информации во врска со неговите забелешки.

Би можело да ве интересира

Откриени трансакции: Трамп купувал и продавал акции на „Нвидиа“

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: „Нвидиа“ го врати Хуанг на чело на компанијата, акциите забележаа историски раст

Откриена e нова вонбрачна афера на челникот на највредната компанија во светот