Управниот одбор на технолошката компанија „Nvidia“ се состана во средата за да одлучи за разрешување на извршниот директор Џенсен Хуанг, откако тој бил вмешан во две вонбрачни афери – од кои едната била со жена за која постои сомневање дека е кинески шпион – изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со случајот.
Состанокот на управниот одбор на водечкиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција претставува значителна промена во однос на состојбата од неделата, кога одборот на „Nvidia“ изрази доверба во Хуанг и неговиот менаџерски тим.
Според политиките на компанијата, Хуанг може да биде разрешен со мнозинство гласови од членовите на управниот одбор, без оглед на тоа дали постои конкретна причина за таквата одлука. Управниот одбор на „Nvidia“ брои 11 члена, од кои сите – со исклучок на Хуанг – се сметаат за независни.
Акциите на „Nvidia“ паднаа за повеќе од 8% во продолженото тргување, откако весникот „Волстрит џурнал“ (The Wall Street Journal) прв објави дека компанијата се подготвува да го смени Хуанг. Доколку овој пад продолжи, пазарната вредност на „Nvidia“ би се намалила за приближно 600 милијарди долари.
Управниот одбор покрена истрага за неговиот однос со деловната жена Алис Хуанг, која е осомничена дека е кинески шпион и дека овозможила испорака на чипови од „Nvidia“ до кинески компании.
Евентуалното заминување на Хуанг би оставило празнина на челото на производителот на чипови, чија пазарна вредност се проценува на околу четири трилиони долари. Хуанг нема јасен наследник, а поседува удел од 3,6 отсто во компанијата.
Тој ја основаше „Nvidia“ пред 30 години заедно со Кертис Прим и Крис Малачовски, претворајќи ја во водечки добавувач на чипови кои се во срцето на глобалниот подем на вештачката интелигенција и технолошкото ривалство меѓу САД и Кина.
Во средата, „Блумберг“ објави – повикувајќи се на лице запознаено со ситуацијата – дека управниот одбор на „Nvidia“ соработува со надворешна фирма за да идентификува потенцијални наследници на Хуанг.
Претходно во средата, „Њујорк тајмс“ објави дека Хуанг имал вонбрачна врска со извршен директор во компанијата кој директно му одговарал – Кимберли Пауел, потпретседател на „Nvidia“ за секторот здравство.
Како што пренесе весникот „Њујорк тајмс“, кога во средата преку телефон бил прашан за неговиот однос со Пауел, Хуанг одговорил: „Мислам дека не треба да разговарате директно со мене“, по што ја прекинал врската. Во допис до вработените испратен во неделата, Хуанг признал дека ѝ бил неверен на сопругата и ја презел „целосната одговорност“, иако не изнел детали за аферата. Истиот ден, Управниот одбор на „Нвидиа“ (Nvidia) покрена истрага за тоа дали Хуанг бил цел на операција на странска разузнавачка служба.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не разговарал со Хуанг за обвинувањата, но му даде поддршка на првиот човек на „Нвидиа“, нарекувајќи го „чесен човек“ кој „направил неверојатна работа за нашата земја“.
Доколку не одговори на барањето за брифинг зад затворени врати – поврзан со обвинувањата дека бил тесно поврзан со кинеска деловна жена која пренесувала информации до Пекинг – Хуанг би можел да се соочи со судски налог за сведочење пред Конгресот.
