Финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе воспоставиле таен канал за комуникација со Кремљ преку руски олигарх, во обид да спречат можна воена ескалација меѓу Русија и НАТО во Балтичкото Море. Деталите за дипломатската операција ги открива американскиот „Волстрит џурнал“ (WSJ).
Балтичкото Море станува едно од најризичните подрачја за можен судир меѓу Русија и НАТО. Москва стравува дека западните земји би можеле да ги блокираат поморските патишта преку кои извезува нафта, додека европските држави се загрижени дека Русија би можела да одговори и со воена сила.
Повеќе од 60 проценти од руската нафта што се извезува со бродови минува низ Балтичкото Море. Овој извоз претставува значаен извор на приходи за финансирање на војната во Украина.
Сепак, Балтичкото Море е опкружено со земји членки на НАТО, а западните држави во последните месеци ги засилија контролите на танкерите со кои Русија ги заобиколува санкциите.
Од крајот на 2024 година, најмалку 14 танкери за кои постоеше сомневање дека припаѓаат на руската флота во сенка беа запрени или проверени. Десет такви случаи беа регистрирани на почетокот на годинава.
Москва одговори со испраќање воени бродови кои ги придружуваат танкерите и ги спречуваат западните морнарици и крајбрежни стражи да се качат на нив. Некои од овие бродови носат ракети што можат да бидат опремени со нуклеарни боеви глави.
Германската крајбрежна стража за нешто повеќе од една година регистрирала 260 вакви придружувања на Балтичкото и Северното Море.
Русија во мај донесе и закон со кој се дозволува употреба на воена сила за заштита на трговските бродови. Истовремено, дополнително ги зајакна воените капацитети во Калининград, својата енклава на Балтикот, со беспилотни летала, моќни радари и системи за електронско војување.
Колку е опасна ситуацијата покажа инцидентот од 30 јуни, кога активисти на „Гринпис“ со глисери му се приближиле на танкерот „Кира К“, кој плови под панамско знаме и се поврзува со руската флота во сенка.
Рускиот корвет „Сообразителни“ се упатил кон нив, очигледно верувајќи дека станува збор за припадници на крајбрежната стража кои планираат да го проверат танкерот. Рускиот командант преку радиоврска ги предупредил бродовите да се оддалечат.
Германскиот брод на крајбрежната стража „Бајројт“ потоа се упатил да ги заштити активистите. Германскиот командант успеал да ја смири ситуацијата, објаснувајќи им на Русите дека станува збор за цивилни демонстранти и дека никој нема намера да го проверува танкерот.
Подоцна, германскиот командант ги предупредил претпоставените дека постоела сериозна опасност од ескалација.
Ова не бил единствениот инцидент. Истиот руски воен брод на 14 септември испукал сигнални ракети кон дански воен хеликоптер што го надгледувал. На 18 октомври, два руски воени брода ги спречиле данската и германската крајбрежна стража да му се приближат на танкер чиј мотор се расипал во близина на островот Борнхолм.
Стравувањата на Москва од можна блокада дополнително ги засилија изјавите на европските политичари.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на 11 септември предложил толку агресивни воени вежби на НАТО во близина на Калининград што Владимир Путин би морал да повлече дел од руските сили од Украина поради страв од напад.
Неколку дена подоцна, естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна изјавил во Обединетите нации дека Естонија, Финска и НАТО би можеле да го затворат Финскиот Залив во рок од неколку часа.
Русија уште во август ги нарече пиратство европските обиди за запирање на танкерите и најави воен одговор. Во септември, Кремљ испратил писмено предупредување до НАТО дека е подготвен да изврши превентивни нуклеарни напади за да ги заштити своите интереси на Балтикот, дури и ако руската територија не биде нападната.
Александар Волошин, поранешен шеф на кабинетот на Владимир Путин, кој повремено му помага на Кремљ во контактите со Западот, изјавил дека Русија не би можела со конвенционално оружје да спречи блокада на Балтикот или Калининград, бидејќи нејзините воени сили се ангажирани во Украина.
Според него, во таква ситуација на Москва не би ѝ преостанало ништо друго освен веднаш да одговори со превентивни нуклеарни напади.
Поради опасноста од ескалација, Пентагон кон крајот на октомври ги предупредил балтичките сојузници да ги ублажат изјавите за можни воени потези против Русија.
Западните функционери се обидувале да ја убедат Москва дека НАТО нема намера да го блокира Балтичкото Море. Финска поради тоа го повикала рускиот амбасадор на разговор, но Стуб стравувал дека пораката нема да стигне до Путин.
Затоа Финска и Норвешка се обратиле до руски олигарх кој има директен пристап до Кремљ.
Според извори на „Волстрит џурнал“, олигархот отпатувал во Норвешка на разговори со високи функционери, а потоа се вратил во Москва за лично да му ја пренесе пораката на Путин.
Неколку дена подоцна, на 27 октомври, Стуб и Сторе заеднички телефонски разговарале со рускиот претседател. Разговорот траел околу час и половина.
Официјална тема биле завршувањето на војната во Украина и подготовките за нови мировни преговори. Но, според WSJ, двајцата лидери имале и дополнителна важна цел – да го убедат Путин дека НАТО не подготвува поморска блокада на Русија.
„Немаме намера да го блокираме Балтикот во мирнодопски услови, во тоа можете да бидете сигурни. Ќе постапуваме во согласност со законот“, му рекол Стуб на Путин, според двајца извори кои присуствувале на разговорот.
По разговорот, Путин јавно ги пофалил двајцата лидери, но предупредил дека некој сака да го претвори Балтичкото Море во нов Хормушки Теснец, каде што војната меѓу САД и Иран привремено го нарушила транспортот на нафта и предизвикала силен раст на цените на енергенсите.
„Ние не го сакаме тоа, но ќе одговориме на секој предизвик“, порачал Путин. Тој предупредил и дека во случај на преголема ескалација нема да има победници.
Ветувањето на Стуб дека Финска ќе го почитува меѓународното поморско право набргу било ставено на тест. Украински беспилотни летала го нападнале рускиот товарен брод „Спарта II“, за кој украинскиот претседател Володимир Зеленски тврдеше дека превезувал оружје.
Зеленски во интервју за „Блумберг“, објавено во вторникот, изјавил дека бродот бил легитимна воена цел. Тој потврдил дека нападот бил извршен во руски води, но оштетениот брод потоа влегол во финските територијални води.
Зеленски признал и дека некои европски партнери на Украина се загрижени поради ваквите напади на Балтикот.
Финските власти започнале спасувачка операција во соработка со Русија. Пожарот на бродот бил изгаснат, а на руските власти им било дозволено да го одвлечат оштетениот брод.
Според WSJ, со тоа била спречена нова ескалација меѓу Русија и НАТО.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот изјавил дека украинскиот напад повторно ги зголемил тензиите на Балтикот. Тој порача дека Москва очекува балтичките држави да го искористат своето влијание врз Киев за да спречат слични напади во иднина.
