Постојните законски механизми за заштита на жртвите не се користат во целост, институциите не постапуваат со потребната итност, а одговорноста за пропустите во постапувањето изостанува. Истовремено, наместо да се унапредува системот за превенција и заштита од насилство, сведочиме на обиди за негово уназадување. На денешниот брифинг со медиумите и прес-конференцијата, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост побараа преиспитување на постапувањето на институциите во последните случаи на фемициди, утврдување одговорност за пропустите и итно усвојување на предложените законски измени.
Постојниот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство обезбедува солидна основа за заштита на жртвите. Предложените измени произлегуваат од воочените проблеми во досегашната практична примена на законот, а беа подготвени во рамки на работна група иницирана од надлежните институции, во која беа вклучени и граѓанските организации и правни експерти.
„Доколку институциите навремено постапуваа и правеа соодветни проценки на ризикот, немаше да се соочуваме со толкав број убиства на жени. Со предложените измени се прошируваат полициските овластувања во случаи на непосредна опасност, со задржување на судската контрола, се воведуваат дополнителни мерки за заштита на децата и се создава законска основа за воспоставување систем за електронско следење. Апелираме до пратеничките да покажат одговорност и да се сплотат околу усвојувањето на законските измени“, истакна Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Наместо дебатата за законските измени да биде насочена кон поефикасна заштита на жртвите, антиродовите движења со манипулативни аргументи се обидуваат да го искористат Уставот како штит за насилството, иако Уставот јасно го гарантира правото на живот како неприкосновено, а тоа подразбира и право на живот без насилство. Уставно загарантираната неповредливост на домот не подразбира неприкосновеност на насилникот. Ваквите толкувања на Уставот се директен удар врз уставно загарантираните права на жените и дополнително го потхрануваат сфаќањето дека жената е нечија приватна сопственост, а домот е простор во кој насилството може да се врши без последици.
Паралелно со оспорувањето на уставноста на предложените измени, антиродовите движења се обидуваат да издејствуваат и отстранување на родот и родово базираното насилство од законската регулатива. Прифаќањето на ваквите барања би значело директно уназадување на веќе воспоставените механизми за заштита на жените од насилство.
„Предложените измени, со исклучок на неколку нови мерки, во најголем дел ги доуредуваат постојните законски одредби. Кога зборуваме само за семејно, а не и за родово базирано насилство, го препознаваме односот меѓу жртвата и сторителот, но не и мотивот за насилството. Наместо да се доведуваат во прашање постојните механизми за заштита, бараме транспарентност од институциите за тоа како постапуваат во овие случаи“, посочи Наташа Петковска од Платформата за родова еднаквост.
Последиците од влијанието на антиродовите движења веќе се видливи во законите од областа на образованието, каде што е уназадена заштитата од дискриминација. Со повлекувањето на програмата за сеопфатно сексуално образование дополнително е ослабена улогата на образовниот систем во превенцијата на насилството. Не може да очекуваме намалување на насилството доколку истовремено ги уназадуваме механизмите за негова превенција.
