ВИДЕО: Матуранот кој пукаше во училиштето во Крагуевац ја зел пушката од татко му, пред пукањето објавил фотографија со оружјето

Од:

Седумнаесетгодишниот матурант кој утрово пукаше во Техничкото училиште во Крагуевац ја зел пушката од својот татко и ја донел во училиштето, објави српска „Нова“, повикувајќи се на неофицијални информации.

Според досегашните информации, во пукањето била ранета една хигиеничарка, додека друга вработена се здобила со повреди од парчиња стакло од прозорецот во кој најверојатно удрил куршум. Информациите засега не се официјално потврдени.

Според неофицијалните сознанија на медиумот, ученикот само неколку часа пред инцидентот објавил фотографија на социјалните мрежи на која позира со пушка.

Вработен во продавница во близина на училиштето за „Нова“ раскажа дека по пукањето го видел ученикот како го држат пред училиштето. Поради косата што му паѓала преку лицето, не можел добро да го види.

„Кога се вратив до продавницата, пред неа најдоа чаури и муниција, а имаше и од задната страна на училиштето. Веројатно влегол оттаму“, раскажал очевидецот.

Директорот на училиштето, Немања Јоксимовиќ, изјави дека сите ученици безбедно ја напуштиле зградата по пукањето, кое се случило за време на првиот час.

„Ученик од четврта година рани една наша колешка, но таа не е во животна опасност. Благодарение на брзата реакција на полицијата, ученикот е уапсен. Ја следиме ситуацијата и ќе се потрудиме наставата што поскоро да продолжи нормално“, изјави Јоксимовиќ.

Тој додаде дека претходно немало проблеми со ученикот и оцени дека е добро што пукањето се случило за време на првиот час, бидејќи учениците успеале безбедно да го напуштат училиштето.

Полицијата врши увид на местото на настанот, а повеќе информации се очекуваат по неговото завршување.

Пукањето повторно ја вознемири српската јавност, особено по трагедијата во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“.

На 3 мај 2023 година, тогаш 13-годишниот Коста Кецмановиќ влезе во училиштето во кое учел и со пиштолот на својот татко уби деветмина соученици и училишниот обезбедувач. Во нападот беа ранети уште петмина ученици и наставничка по историја, која се обидела да го спречи.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Пукање во училиште во Крагуевац, има повредени

Катерина Ѓуровски

Седумка на „Лото“ падна во Ниш – среќниот добитник побогат за 3.400.000 евра

А1он

Обвинителството бара притвор за шестмина осомничени поради закани кон Бранкица Станковиќ

Кој е Александар Чупиќ: Претседател на Народното собрание и вршител на должноста претседател на Србија

Горан Наумовски

Студентска листа најави референдум за влезот на Србија во ЕУ

ВИДЕО: Загина пилот на Војската на Србија во пад на МиГ-29 кај Стара Пазова

Катерина Ѓуровски