Американската администрација започнува силна кампања за обновување на домашното рударство и металната индустрија, како дел од пошироките напори за реиндустријализација на земјата. Пораката од Вашингтон е дека рударството е неопходно за економскиот развој и обезбедување на стратешките ресурси.
Помошничката секретарка за енергетика Одри Робертсон, во интервју за „Вашингтон пост“, нагласи дека САД ќе ја поддржуваат рударската индустрија на сите нивоа на институционално делување.
Таа посочи дека индустријата за метали и рударство со години била запоставена, но сега државата активно работи на нејзино обновување. Според Робертсон, важно е и јавноста да ја разбере улогата на рударството во современото општество.
„Америка ќе се индустријализира. Рударството не е нешто лошо. Тоа е дел од нашата иднина“, порача Робертсон.
Таа потсети дека голем број од критичните минерали потекнуваат од Кина, но дека без разлика на тоа за која држава станува збор, зависноста од една единствена држава за некој критичен ресурс е неповолна. Одговорот, според неа, е во диверзификацијата на изворите и на процесите на преработка. Како пример, Робертсон посочи дека Кина има 46 топилници за бакар, додека пак во САД има само две примарни топилници за бакар и еден центар за рециклирање. Ако се вратиме 60 години наназад, ние бевме светски лидери во производството на бакар.
Од друга страна, Македонија поседува бакар, но не го користи. Повеќе проекти за ископ на оваа критична суровина во минатото не беа реализирани. Единствен рудник кој функционира е „Бучим-Боров дол“, но веќе ги исцрпува капацитетите. Само една инвестиција има во Македонија за експлоатација на бакарот. Тоа е проектот „Иловица-Штука“, зад кој стои мултинационалната компанија Трафигура, која пак изминатиов период добиваше директна финансиска поддршка од американската администрација за проекти од областа на снабдувањето со критичните минерали во САД. Сепак, кај нас инвестицијата во проектот за ископ на бакар се одолговлекува со години. Ваквите примери се очекува да се надминат со усвојувањето на нови закони за рударство и геологија, со кои би се имплементирале европските стандарди и практики.
Европската Унија, усвојувајќи ја Директивата за критични суровини, го ограничи времетраењето за издавање на дозволи за рударски проекти за критични минерали. Ваков чекор направи и администрацијата на претседателот Доналд Трамп, па сега целосната процедура за започнување со рударство може да се заврши и до четири или пет години.
„Во случајот со рудниците… мислев дека ситуацијата е лоша во секторот за нафта и гас, каде што може да бидат потребни години за добивање дозволи за земјиште во сопственост на федералната влада. Во рударството, мислам дека во просек се потребни 18 години за да се добијат дозволи за еден рудник. Нашиот Совет за издавање дозволи врши извонредна работа во менувањето на таа состојба, бидејќи едно е јасно: Америка нема да прави компромиси со своите еколошки услови. Таа нема да прави компромиси ниту со вклученоста на заедницата, ниту со нашите стандарди. Но, тоа не значи дека треба да престанеме со изградбата. Тоа не значи дека треба да престанеме со издавањето дозволи, ниту пак дека треба да престанеме со рударството“, потенцира Робертсон.
Таа додаде дека кога стапила на функцијата веќе постоел тим насочен кон идентификување на минералите што се од најголемо стратешко значење за националната и енергетската безбедност, како и за заживувањето на индустријата.
„Во Министерството за енергетика се фокусиравме на идентификување на празнините во синџирот на снабдување со суштински, критични минерали – оние за кои, доколку ни бидат ускратени, ние како држава и како народ би се соочиле со сериозни проблеми. Исто така, се обидовме темелно да ги разгледаме можностите за обезбедување на тие конкретни критични минерали, како и новите начини за нивно производство овде, во нашата земја“, нагласи помошничката секретар за енергетика.
Според неа, претседателот Трамп е цврсто посветен на целта да ѝ помогне на Америка повторно да се индустријализира, за да не биде зависна од странски држави во современиот начин на живот.
