ВИДЕО: Израелски доселеници упаднаа во палестински села, запалија автомобили и имот на Западниот Брег

Од:

Радикални израелски доселеници во текот на ноќта упаднаа во три палестински села во близина на Рамала, на окупираниот Западен Брег, и запалија автомобили, објавија денеска локалните медиуми и очевидци.

Израелската војска соопшти дека остро ги осудува ваквите насилни дејствија, а во соопштението објавено на Телеграм спомена и напад врз четврто село во јужниот дел на Западниот Брег.

Сепак, израелската војска повеќепати беше обвинувана дека не презема доволно мерки за да го спречи насилството на доселениците, кое зачести од почетокот на војната во Газа.

На видеоснимките од нападите се гледаат пожари и графити поврзани со нелегална доселеничка испостава што израелската војска неодамна ја отстрани. Според медиумските извештаи, доселениците запалиле и земјоделски објект во северниот дел на Западниот Брег.

Западниот Брег е палестинска територија што Израел ја држи под окупација од 1967 година. Се наоѓа меѓу Израел и Јордан, а Рамала е едно од главните политички и административни средишта на Палестинците. Со делови од територијата управува Палестинската самоуправа, додека Израел ја задржува контролата врз поголемиот дел од областа и безбедноста.

Гади Ајзенкот, лидер на центристичката партија Јашар, кому му беше доверено составувањето на новата израелска влада, ги осуди нападите и ги нарече „еврејски тероризам“.

Тој порача дека сторителите ја дестабилизираат регионот и ги загрозуваат човечките животи, барајќи строги казни за насилните доселеници.

За состојбата на Западниот Брег ги обвини министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрич, тврдејќи дека двајцата ја довеле територијата на работ на беззаконие.

Бен-Гвир и Смотрич се министри од крајната десница во владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Тие ги поддржуваат радикалните израелски доселеници и се залагаат за анексија на палестинската територија што Израел ја окупира.

Состојбата на Западниот Брег значително се влоши по нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, предводен од Хамас, и војната во Газа што следуваше.

Според податоците на палестинското Министерство за здравство, израелската војска од тогаш убила повеќе од 1.100 Палестинци во воени операции и напади.

Истовремено, значително се зголеми насилството на радикалните израелски доселеници врз Палестинците и нивниот имот.

Завчера вечерта, припадник на обезбедувањето на едно израелско населено место пукал во двајца Палестинци во близина на населбата, при што едниот бил убиен, објавија палестински извори.

Би можело да ве интересира

Нетанјаху најави најголема воена операција на Западниот Брег уште од 1967 година

А1он

Петмина Израелци ранети во пукање на Западниот Брег – Нетанјаху нареди блокада

Израел распоредува дополнителни сили на Западниот брег

Американската војска предизвика бура: На карта, Газа и Западниот брег му ги додаде на Израел

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Израелски доселеници нападнаа палестинско село, па палеа куќи

Горан Наумовски

Израелските доселеници го нападнаа палестинското село Тувани на Западниот Брег