(ВИДЕО) Запален руски брод отплови во фински води, подигнати борбени авиони: „Војната се прелева во нашето соседство“

Од:

Рускиот товарен брод „Спарта II“, кој е поврзан со руската војска, беше погоден од беспилотни летала и се запали во Балтичкото Море, по што отплови во фински води. Финските власти сметаат дека зад нападот најверојатно стои Украина.

Според Ројтерс, бродот пловел кон руската ексклава Калининград кога бил погоден во меѓународни води, западно од рускиот остров Гогланд. Финските одбранбени сили го потврдија инцидентот, за кој претходно информираа и руски официјални претставници.

Командантот на финската Гранична служба, Илја Иљин, за јавниот сервис Yle изјави дека сите 16 членови на екипажот го напуштиле бродот со чамци за спасување, а потоа се префрлиле на друг руски брод со кој се враќаат во Русија.

„Најверојатно Украина стои зад нападот“, изјави портпаролот на финските вооружени сили Аки-Маури Хухтинен на прес-конференција.

Тој додаде дека засега не е познато зошто бродот бил цел на нападот. Пожарот продолжи и вчера вечерта. Бидејќи бродот се наоѓа во фински води, операцијата за спасување ја координираат финските власти, кои не ја исклучуваат можноста руските бродови да ја одвлечат оштетената пловна единица во Русија.

„Спарта II“ е под американски санкции. Според американското Министерство за финансии, бродот е поврзан со руската бродска компанија „Оборонлогистика“.

„Во моментов нема потврдени информации за товарот на бродот, но не може да се исклучи можноста да превезувал воен материјал“, изјавил Иљин.

Командантот на крајбрежната стража во Финскиот Залив, Мико Симола, соопшти дека постои сомневање оти руски хеликоптер за време на спасувачката операција накратко го нарушил финскиот воздушен простор.

Поради инцидентот, Хелсинки воведе привремени ограничувања на воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив. Мерките имаат цел да ги заштитат цивилите и да им овозможат на властите да реагираат доколку биде потребно пресретнување на беспилотни летала.

„Војната се прелева во нашето соседство. Украина има право да се бори против агресорот“, напиша финскиот премиер Петери Орпо на социјалната мрежа Икс.

Шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон соопшти дека шведски борбени авиони, под финска команда, учествувале во заштитата на територијалниот интегритет на Финска и НАТО.

Естонскиот премиер Кристен Михал оцени дека последиците од борбата против руската агресија стигнале и до Балтичкото Море. Естонија испратила воен брод за да помогне во гаснењето на пожарот и спречувањето можно загадување.

Финска и Шведска станаа членки на НАТО по руската инвазија врз Украина. Финска се приклучи на Алијансата во 2023 година, а Шведска во 2024 година.

Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, на Телеграм објави дека бродот бил нападнат од два дрона во меѓународни води, на околу три наутички милји од руската граница.

Според него, во текот на ноќта над областа биле соборени 80 беспилотни летала. Гувернерот на Калининград, Алексеј Беспроводних, изјави дека инцидентот нема да го загрози снабдувањето на регионот.

Би можело да ве интересира

Руски хеликоптер навлегол во финскиот воздушен простор по инцидент со руски брод во Балтичкото Море

Зеленски му се закани на Путин: Кримскиот мост нема да опстане

Погодени холандската и австриската амбасада во Киев: Руски напад оштети дипломатски објекти

Стаб: Ако немате агенда за мир, никогаш нема да го постигнете

ВИДЕО: Зеленски откри детали за нападот на Кримскиот мост

ВИДЕО: Украина го повторно го нападна Кримскиот мост, силни експлозии во Киев, погодени два големи моста