Археолошкиот музеј во Солун отвори изложба посветена на шест ретки примери на античко сликарство, кои јавноста ги гледа за првпат, дури 102 години по нивното откривање.
Изложбата „Гледајќи го невидливото: Шест камени панели од античкото сликарство“ ги претставува делата пронајдени во Солун, а во фокусот е и новото истражување на меѓународен интердисциплинарен тим научници.
Посебната вредност на поставката е во тоа што современите научни методи овозможиле да се откријат детали од сликите кои со текот на времето станале речиси невидливи за човечкото око. Така, посетителите можат да добијат поинаков увид во античката уметност и во техниките со кои биле создадени овие дела пред повеќе од два милениума.
Називот на изложбата упатува токму на таа можност – преку современата технологија да се открие она што времето го сокрило, но не успеало целосно да го уништи.
Изложбата беше отворена на 19 ноември, со бесплатен влез на денот на отворањето.
