Руските вооружени сили извршиле масовен напад врз објекти на украинскиот воено-индустриски комплекс, енергетски капацитети и транспортна инфраструктура во Киев и во неколку други региони, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Како што е наведено во соопштението, руските сили го извеле нападот со употреба на високопрецизно оружје од копно, море и воздух, како и беспилотни летала.
„Како резултат на нападот, оштетени се претпријатија на украинскиот воено-индустриски комплекс и складишни терминали за производство и чување крстосувачки ракети, беспилотни летала со долг и среден дострел, енергетски објекти и транспортна инфраструктура во градот Киев, како и во Киевската, Днепропетровската, Николаевската, Лавовската и Ивано-Франковската област“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека три моста во градот – Подилско-Воскресенскиот, Дарничкиот и Јужниот – биле оштетени во рускиот напад со балистички ракети во текот на ноќта. Поради оштетувањата, сообраќајот меѓу левиот и десниот брег на градот е отежнат.
