Стаб: Ако немате агенда за мир, никогаш нема да го постигнете

Од:

Финскиот претседател Александар Стуб денеска изрази умерен оптимизам во однос на напредокот на напорите за ставање крај на војната во Украина, укажувајќи на неодамнешните разговори за ова прашање во кои се вклучени Соединетите Држави, Украина, Русија и европските земји.

– Ако не зборувате за мир, ако немате процес, ако немате агенда за мир, тогаш никогаш нема да го постигнете, рече Стуб во интервју за „Блумберг“.

Тој, исто така, укажа на посилна европска координација во пресрет на можните преговори, нагласувајќи дека Европа ефикасно се организирала околу ова прашање.

Минатата недела, европските лидери ги задолжија советниците за национална безбедност од Франција, Германија, Обединетото Кралство, Италија и Полска – заедно со претставници од Европската унија – да го претставуваат континентот во техничките разговори.

Истовремено, Стуб посочи дека не очекува војната да заврши до крајот на годината, што значи дека се потребни подготовки за она што тој го опиша како веројатно тешка зима во Украина.

Тој ја нагласи важноста од поддршка за системите за противвоздушна одбрана на Украина, енергетската инфраструктура и финансиските потреби на земјата.

Финскиот претседател се осврна и на прашањето за вештачката интелигенција и технолошкиот суверенитет на Европа, како и на зависноста на континентот од инфраструктурата што ги поддржува новите технологии. Стуб истакна дека на вештачката интелигенција и поврзаните инвестиции гледа како на можност за Европа, додавајќи дека новата инфраструктура неизбежно ќе наиде на отпор, бидејќи таа ги нарушува воспоставените начини на функционирање.

Според него, податочните центри можат да привлечат дополнителни инвестиции и да донесат значителни придобивки за целата економија.

„Кога станува збор за податочните центри, колку повеќе ги има, толку подобро“, заклучи финскиот претседател.

Би можело да ве интересира

Зеленски предлага 10 нови хуманитарни операции за евакуација од руските окупирани територии

„Билд“: Русија планирала напад во Полска, а потоа вината да ѝ ја префрли на Украина

Зеленски бара од САД пристап до „Старшилд“: Технологијата може да го промени текот на војната

Германија и Норвешка издвојуваат 300 милиони долари за американски ракети за Украина

Украинската војска тврди: Дел од Кримскиот мост e уништен по успешен напад

Досега, преку размена на затвореници, повеќе од 8.000 луѓе се вратени дома