Крива Паланка поднесe кривични пријави поради неспроведените решенија за одземање на добитокот

Од:

Општина Крива Паланка денес поднесува неколку кривични пријави до надлежното јавно обвинителство поради непостапување по извршните решенија за одземање на добитокот, соопшти градоначалникот Сашко Митовски во обраќање пред Основниот суд во Крива Паланка.

Со пријавите се бара обвинителството да го испита постапувањето на службените лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Агенцијата за управување со одземен имот.

Општината бара да се утврди кој бил должен да постапи по решенијата, дали имало злоупотреба на службената положба и дали со пропустите биле загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните.

„Трпението на граѓаните е при крај. На седницата на Општинскиот кризен штаб побаравме конкретен план и рок. Сè уште не знаеме кога Агенцијата ќе почне да ги спроведува сопствените решенија. Побарав и да ми ја дадат потребната надлежност за да можам како градоначалник да преземам одговорност за решавање на проблемот. До денес немам одговор ни на тоа барање“, изјави Митовски.

Општината поднесува и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, со барање да се испита дали во овој случај постојат елементи на корупција.

До Државниот управен инспекторат поднесува барање за вонреден инспекциски надзор за да се утврди кои дејства биле преземени по донесувањето на решенијата, каде запрела постапката и кој е одговорен за евентуалните пропусти.

Митовски посочи дека стадата и понатаму влегуваат во нивите и се движат по патиштата и дека деновиве добиток беше забележан и во двор на средното училиште во Крива Паланка.

„Ги повикувам сите наши сограѓани, од градот и од селата, да застанеме покрај семејствата што предолго ја носат оваа мака. Мирно и достоинствено, заедно да побараме да се спроведат решенијата и да се стават стадата под контрола. Да ставиме крај на ова понижување за кое ни се смее светот“, порача Митовски.

Би можело да ве интересира

Митовски бара законски овластувања за да го реши проблемот со добитокот по улиците во Крива Паланка

Зад рудникoт за антимон во Крива Паланка стојат донатори на ВМРО-ДПМНЕ, тврди СДСМ

Катерина Ѓуровски

Градоначалникот на Крива Паланка да не се амнестира од проблемот со кравите, реагира АХВ

Уапсена е краварката од Крива Паланка по нарушување на јавниот ред

Горан Наумовски

„Сусурига 2026“ го оживеа културното наследство по повод празникот Прочка

А1он

Во несреќен случај загина 83-годишен мотоциклист

Горан Наумовски