Германија и Норвешка ќе финансираат нов пакет американско оружје за Украина во вредност од 300 милиони долари, при што најголемиот дел од средствата е наменет за набавка на ракети за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ (Patriot), произведени во САД. Ова денеска го соопшти германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на Европската унија во Брисел.
Според него, набавката ќе се реализира преку програмата PURL (Листа на приоритетни потреби на Украина), преку која европските земји и партнерите од НАТО го финансираат купувањето американско оружје за Киев.
– Заедно со Норвешка, учествуваме во уште еден пакет во рамките на PURL. Набавуваме системи од Соединетите Држави кои не се достапни во Европа. Ова е петти пакет во кој учествува Германија, а овојпат придонесуваме со 300 милиони долари, изјави Писториус.
Тој прецизираше дека приоритет ќе биде зајакнувањето на противвоздушната одбрана на Украина, конкретно преку набавка на наведувани ракети од типот PAC-2 и PAC-3 за системите „Патриот“.
„Поддршката за Украина не е чин на милосрдие. Тоа е прашање на безбедноста на Европа“, изјави германскиот министер.
Покрај заедничката набавка на американско оружје, Германија работи и на проширување на капацитетите за противвоздушна одбрана на Украина преку интегрирање на ракетите IRIS-T во норвешките системи NASAMS, кои веќе се испорачани во Украина.
Писториус наведе дека подготовките за оваа интеграција се веќе во тек, како и дека Берлин ќе му обезбеди на Киев нови радарски системи за надзор на воздушниот простор, муниција за борбените авиони Ф-16 и беспилотни летала (дронови).
Германскиот министер ги повика сојузниците да ја забрзаат воената помош за Украина – особено во делот на противвоздушната одбрана – со оглед на зачестените руски напади врз енергетската и друга инфраструктура пред почетокот на зимата.
Тој ја нагласи итната потреба од зајакнување на одбраната на Украина против напади од воздух.
