Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека земјите што граничат со НАТО се соочуваат со длабоки кризи по мешањето на Алијансата во нивните внатрешни работи.
Говорејќи на прес-конференција по Самитот за Источна Азија (EAS) во Манила, тој истакна дека членките на НАТО се обидуваат да вовлечат одредени земји од Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во ексклузивни воени блокови, со цел да ја ослабат Кина, пренесува „РИА Новости“.
„Каде и да излегол НАТО надвор од територијата на своите земји-членки, тој се вклучувал во воени, а честопати и прилично агресивни мисии. Во ниту едно место каде што Алијансата интервенирала со оружје во рака, ситуацијата не се подобрила. Напротив, насекаде се појавија длабоки кризи – кризи што сега сме принудени да ги решаваме“, рече Лавров.
