Француски војници се тајно распоредени во Украина, парламентот не е известен

Од:

Француски војници се тајно присутни во Украина најмалку од летото оваа година како дел од мисијата со кодно име „Волија“ (Volia), во рамките на која тие ги обучуваат украинските сили и вршат одржување на воената опрема, објавија денеска француските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори.

Според истражувањето на „Радио Франс Интернасионал“ (RFI), задачата на француските војници е да ја проверуваат оперативната состојба и да вршат одржување на оружјето што Париз ѝ го испорачал на Киев, како и да ги обучуваат припадниците на украинските вооружени сили.

Извор запознаен со мисијата потврди за агенцијата „Франс прес“ (AFP) дека француски војници се присутни во Украина, нагласувајќи дека тие не учествуваат во борбени дејствија.

Мисијата „Волија“, предводена од француски генерал, е организирана како флексибилна структура составена од мали групи војници распоредени во Украина за извршување краткорочни задачи.

Медиумите не го наведоа точниот број на француски војници ангажирани во земјата.

Според извештаите, нивните должности вклучуваат обезбедување техничка поддршка за опремата испорачана од Франција, како што се артилериските системи „Цезар“ (Caesar), борбените авиони „Мираж 2000“ (Mirage 2000) и прецизно наведуваните ракети. Според информациите до кои дојде RFI, француските власти ја искористиле постоечката мисија „Жерфо“ (Gerfaut) – која е активна во Полска од 2023 година како дел од европската програма за воена помош за Украина – за да го прикријат присуството на француски војници во Украина.

На француските војници распоредени во рамките на мисијата „Волија“ наводно им било наложено како дестинација за нивниот службен ангажман да ја наведат Полска, а не Украина.

Од 2023 година, околу 25.000 украински војници поминале обука во рамките на програма спроведена од Франција, која се одвивала и во Полска и на француска територија.

Медиумите пренесуваат дека францускиот Парламент не бил известен за постоењето на оваа тајна мисија.

Членот 35 од францускиот Устав предвидува дека Владата мора да го извести Парламентот за секоја одлука за распоредување на вооружените сили во странство – вклучително и за целите на таквото распоредување – најдоцна три дена по почетокот на интервенцијата. Седрик Перин, претседател на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили при францускиот Сенат, нагласи дека информирањето на Парламентот претставува уставна обврска и суштински услов за правилно функционирање на демократијата.

Француското воено раководство не одговори веднаш на барањето за коментар во врска со медиумските извештаи за мисијата.

Според достапните информации, мисијата „Волија“ (Volia) е од неборбен карактер и е насочена кон обезбедување техничка поддршка и обука за украинските сили.

Би можело да ве интересира

Романија предупредува на влошување на безбедносната состојба во Црното Море, бара поголема поддршка од ЕУ и НАТО

Трамп: Путин стана попопустлив во однос на Украина

Туск: Полска ќе има клучна улога во европската делегација за преговорите за Украина

Полјански: Европа ги игнорира преговорите за Украина и се држи до старите позиции

Зеленски алармира: Русија сака преку евакуација на цивили да го отвори патот кон нови градови

Полска ѝ рече „не“ на Украина