Форумот на жени на СДСМ бара итно утврдување на сите пропусти и евентуални влијанија врз постапката за нападот врз младата Сара од Охрид, како и одговорност и разрешување на сите инволвирани функционери.
На прес-конференција, Кети Штерјова изрази поддршка и солидарност со Сара и нејзиното семејство, посочувајќи дека девојката, која се наоѓа во болница, заслужува заштита и безбедност, а не страв од нов напад.
Според Штерјова, осомничениот за нападот бил пуштен на слобода, иако, како што рече, според сведоштвото на мајката, постојат сериозни околности што треба да бидат испитани. Таа посочи и на наводи за обиди за прикривање на случајот и влијание врз медицинската документација.
Од СДСМ тврдат дека семејните и политичките врски на осомничениот со ВМРО-ДПМНЕ отвораат сомнежи за можен повластен третман. Во тој контекст, Штерјова ги спомена неговите родители, Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, и Гоце Корабоски, за кого наведе дека работи во Управата за јавни приходи и дека има блиски релации со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Таа ја обвини власта за создавање атмосфера на неказнивост, партизација на институциите и влијание врз судството и обвинителството, посочувајќи го министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во своето обраќање, Штерјова направи паралела и со други случаи, меѓу кои насилство врз сопруга од страна на телохранител на премиерот, случајот со девојката од Богданци која беше жива запалена, случајот со петте тони дрога и пуштањето на Симо во пресрет на изборите. Таа ја критикуваше и набавката на возило „Гета“ во вредност од 5,53 милиони евра, наведувајќи дека нема средства за електронски алки.
Од Форумот на жени на СДСМ бараат да се испитаат сите пропусти, евентуални притисоци и обиди за заштита на осомничениот, како и да се утврди одговорност кај надлежните.
„Бараме итна и ефективна заштита на Сара. Како жени, нема да молчиме, туку силно ќе се спротивставиме. Нема да прифатиме жените во Македонија да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи само затоа што се блиски до ВМРО“, порача Штерјова.
